Македонија
18. January 2018 - 9:56

Охрид подготвен за утрешниот Богојавленски водосвет - Водици

Снегот што ноќта падна во Охрид доколку потрае само ќе го увеличи утрешниот голем црковно-народен собир по повод православниот празник Богојавление - Водици. Сè во градот е подготвено за Богојавленскиот водосвет, најмасовната верска манифестација во земјата ­­- традиционалното фрлање на Светиот крст и осветувањето на водите на Охридското Езеро.

Самата манифестација ќе биде поделена на два дела и тоа оној верскиот што согласно православните начела го организира и спроведува Дебарско-кичевската епархија при МПЦ и на граѓански дел што го организира Општина Охрид, а се однесува на сите пропратни содржини наменети за збогатување на самиот настан за да мине во најдобар ред.

Верскиот дел од настанот почнува со утрински богослужби во сите парохиски цркви во 7 часот. Од 8:30 треба да започне светата литургија, по што литиите поаѓаат кон Градското пристаниште во Охрид каде во 10 часот ќе се спроведе осветувањето на водата и фрлањето на Чесниот крст во езерото. И оваа година точно на пладне на Сараиште ќе се одржи масовно крштевање во осветените води на Охридското Езеро.

Од Општина Охрид соопштија дека се е подготвено за утрешниот празник и самата манифестација, централното градско подррачје е украсено согласно православните традиции. Расчистен е и просторот каде ќе дојдат верниците, како и самиот дел од крајбрежјето и дното на езерото каде ќе влегуват оние што ќе се обидат да го фатат крстот.

Во организацијата на настанот и оваа година активно учествува и Општинската организација на Црвениот крст. Традиционално денеска Црвениот крст заедно со Општина Охрид и градончалникот ќе поделат 50 хуманитарни пакети со прехранбени производи и средства за хигиена на исто толку социјално загрозени семејства. Во текот на денешниот ден на пунктот поставен кај Градскиот плоштад медицински тимови на Црвен крст ќе вршат основни здравствени прегледи на оние кои решиле да влегуваат во вода. Во рамки на Богојавленскиот водосвет традиционално се организира и крводарителска акција што ќе се спроведува утре од 9 до 15 часот во Центарот за култура „Григор Прличев“.

Што се однесува на самиот настан на осветувањето на водата во Охридското Езеро и скокање по крстот на Градското пристаниште за безбедноста на капачите во вода и сите посетители се ангажирани четири тимови спасители на вода распоредени долж градското пристаниште, две екипи спасители на вода во два чамци и четири нуркачки тимови, како и седум медицински екипи со амбулантско возило, како поддршка на Службата за итна медицинска помош. Под надзор на спасители и медицински тимови на Црвен крст - Охрид ќе бидат и манифестациите што по повод Водици се организират и во селото Пештани и кај „Свети Наум“.

Инаку, температурата на водата во Охридското Езеро е околу седум степени, така што се апелира лицата што не се чувствуваат добро да се воздржат од влегување во езерото.

Големиот црковно-народен собор по повод Водици ќе биде заокружен вечерта на Градскиот плоштад со голем концерт на „Фолтин“ што по повод празникот го организира локалната самоуправа.

Инаку, прославувањето на Водици во Охрид продолжува и на 20 јануари, со Денот на рибарите, односно прославувањето на празникот Свети Јован Крстител. Станува збор за уникатна манифестација - традиционалното капење на рибарите со што своевремено се означуваше крајот на забраната за риболов за време на зимскиот мрест.

Настанот што претставува своевидна атракција која привлекува голем број гости ќе биде проследена со повеќе културни и забавни содржини. И оваа година во голем казан ќе се приготвува рибна чорба за сите гости, а ќе има и пифтија, пржени плашици, греана ракија и вино.

Празнувањето по повод верските празници Богојавление и Свети Јован Крстител во Охрид е една од најмасовните црковно-верски манифестации во православието, како според бројот посетители на чинот на осветувањето на водите на Охридското Езеро, така и според бројот на верници и гости кои влегуваат во студените езерски води за да го фатат Светиот крст.

Празникот Богојавление е поврзан со крштевањето на Исус Христос во водите на реката Јордан од Свети Јован, кој оттогаш се нарекува Крстител, а фаќањето на крстот означува соединување на човекот со Христа. Тој важи за еден од најголемите христијански празници. Со него завршуваат 12-те т.н. некрстени денови и циклусот зимски празници како Бадник, Божик, Нова Година (Василица) и други. На Богојавление на полноќ се верува дека се отвора небото, се појавува Бог, а луѓето му се обраќаат за да им ги исполни нивните желби. Во тој миг водите престануваат да течат и стануват лековити.