Македонија
1. July 2016 - 13:45

Охрид по трет пат домаќин на „Баскерфест“

Трета година по ред Охрид од денеска до 3 јули ќе биде домаќин на интернационалниот, мултикултурен уличен фестивал „Баскерфест“.

Раководителот на Секторот за туристички, локален и економски развој Ѓоко Апостолов на денешната прес-конференција заклучи дека Фестивалот привлекува голем интерес и голем број посетители со извонредни  изведувачи, кои охриѓани и гостите ќе може да ги гледаат на различни локации во центарот на градот.

- Се надевам дека ова ќе биде одлична прилика како за охриѓани, така и за сите гости посетители да видат необични доживувања, настапи и перформанси. Сетоа тоа се вклопува и ќе биде дел од денешното 4. издание на манифестацијата „Бело лето“, рече Апостолов.

Општината, посочи тој, се труди, посебно во летниот период, надвор од туристичкиот шпиц да органзиира што повеќе вакви манифестации, за привлекување што поголем број туристи и збогатување на туристичкиот производ на градот.  

Сандра Темова, претставник од организацискиот одбор на „Баскерфест“ посочи дека 11 година во Македонија уличните артисти нудат пријатна и забавна уметност за сите возрасни групи.

- Дваесеттина изведувачи на трите плоштади и по шеталиштето ќе прикажат магија, жонглери, комедија, возбудливи настапи со оган. Ќе биде спектакуларно и интересно да се гледа. Секоја година се трудиме нешто ново да донесеме. Малку да го доближиме светот кај нас, оние работи што кај нас поретко се гледаат, истакна Темова.

Пред охридската публика ќе се претстават артисти од целиот свет, Бразил, Израел, Хрватска, Јапонија, Шпанија...

Покрај настапите на уметниците на „Баскерфест“ со концертот на Владимир Четкар секстет вечер почнува манифестацијата „Бело лето“ со која официјално се отвора летната туристичка сезона во Охрид.