Бизнис
2. December 2016 - 19:55

Оглас: Се субвенционираат до 50% од каматата на кредитите за ИПАРД проекти

Државата за првпат ќе субвенционира до 50 отсто од каматата на земените кредити за реализација на ИПАРД проектите. Во тек е огласот на кој можат да се пријават сите земјоделци, преработувачки капацитети како и мали бизниси во руралните средини, кои имаат договори за користење на  средствата од ИПАРД програмата. Надлежните очекуваат голем интерес пред се од примарните производители кои што имаат најголем број на апликации за ИПАРД 1 програмата.
 
ИПАРД корисниците да аплицираат за субвенција на камата
 
- До 50 отсто од каматата се субвенционира. Не може да биде повисока од 8 % а инвестицијата не смее да биде поголема од 500 000 евра, изјави  Билјана Костовска Раководител на ИПАРД – МЗШВ
 
Покривањето на камататата од страна на државата е втора мерка со која се настојува да се подобрат условите за кредитирање на земјоделците и бизнис операторите во руралните средини. Претходно беше воспоставен гарантниот фонд.
 
Догодина се очекува да почне  ИПАРД 2 програмата со која ќе се зголеми кофинансирањето на земјоделците и тоа до 75 отсто од инвестицијата. 
За субвенционирање на камтите се обезбедени околу половина милион евра. Рокот за доставување на барањата е 25ти декември.