Македонија
17. March 2018 - 13:04

Одржана тркалезна маса со невладини организации за спорт на лица со инвалидност

Националната федерација за спорт и рекреација на инвалидите на Маедонија – Македонски параолимписки комитет, во рамките на спроведување на проектот „Сменете го вашиот начин на размислување-Спорт за сите“ финансиран од спортската програма на Erasmus+, на 16.03.2018 година во хотел Континентал одржа тркалезна маса на која учествуваа 35 претставници од 20 невладини организации меѓу кои: национални инвалидски организации, сојузи за спорт и рекреација на лица со инвалидност и здруженија кои го организираат спортот и физичката аактивност на лицата со инвалидност, на тема: „Идентификување на проблемите со кои се соочуваат младите лица со инвалидност во вклучување во процесот на телесна вежба и спорт, како предуслов за здрав живот и предлог решенија како истите да се надминат”.

Учесниците на тркалезната маса дискутираа за трите најголеми проблеми со кои се соочуваат лицата со инвалидност кога сакаат да се вклучат во спортување и преку спортот и телесната вежба да се интегрираат во општеството и за тоа како да се подобри телесната активност и интеграција во општеството на лицата со инвалидност на локално, национално и меѓународно ниво.

По воведното излагање на проект менаџерот Бранимир Јовановски, во кое беа истакнати состојбата во која се наоѓаат организациите кои го организираат спортот на лицата со инвалидност, условите во кои делуваат, недоволната финансиска поддршка и потребата од специфични реквизити и справи, како и легислативатаа на Република Македонија која се однесува на спортот на лицата со инвалидност, беше отворена  дискусија.

На крајот од дискусијата беа детектирани неколку проблеми како недостатоци со кои во моментот се соочуваат лицата со инвалидност и организациите во однос на вклучување во физичка активност и спорт, а тоа се: неможност за користење на спортските објекти за тренажен процес, организација и учество на натпревари на спортистите со инвалидност заради архитектонските бариери и непристапност на објектите, недостаток на стандардна и специфична опрема и спортски реквизити за спроведување на тренажен процес и учество на спортски натпревари на спортистите со инвалидност, недостаток на едуциран тренерски кадар за специфичностите на различни водови на инвалидитет и степен на оштетување при реализација на тренажните програми наменети за спортистите со инвалидност, недостаток на база на податоци за детектирање и вклучување на лицата со инвалидност во физички активности и спорт, недоволно финансиски средства за организација и спроведување на физичка веќба преку тренажен процес и учество на натпревари на спортистите со инвалидност на општински, регионално и државни првенства како и недостаток на финансиски средства за подготовки и учество на меѓународни натпревари за спортистите со инвалидност.

На конференцијата беа донесени низа заклучоци за подобрување на состојбата и поголема вклученост на младите лица со инвалидност во физички активности и спорт, како и заклучоци кои институциите на државата треба да ги спроведат за подобрување на состојбата и изедначувањето на можностите на младите лица со инвалидност во однос на практикување на физичката вежба, рекреацијата и спортот.

Најважно од се е да им се овозможи на децата со пречки во развојот еднаква можност за учество во игри, разонода, слободни и спортски активности вклучувајќи ги тие активности и како дел од наставната програма, да им се овозможи на лицата со инвалидност, особено на младите лица, еднаква можност за учество во рекреативни спортски игри и разонода, да им се овозможи учество, на лицата со инвалидност во редовните спортски активности во сите степени на спортување преку поддршка на организациите кои го организираат и спроведуваат спортот на лицата со инвалидност, да им им се осигура непречен пристап на лицата со инвалидност до и во спортските, рекреативните и туристичките објекти, и тоа не само влезовите на објектите, туку и внатрешните содржини, адаптирани тоалети, соблекувални, туш кабини, лифтови и слично, да се обезбедат просторни, кадровски и материјални услови за непречено и континуирано делување на организациите за развој на масовниот спорт, и спортска рекреација на лицата со инвалидност на локално, регионално и државно ниво како и да се обезбедат услови и можности за квалитетен тренажен процес, подготовки и учество на домашни и меѓународни натпревари на врвните спортисти со инвалидност, како и за врвните спортисти “без инвалидност”.

Во рамките на проектот, од 16-18.03.2018 година ќе бидат одржани три стручни предавања од ангажираните експери за три целни групи: млади лица со инвалидност (15-29 години) нивни родители и членови на нивните семејства, семејни лекари и наставници по физичко образование во основните и средни училишта.