Македонија
17. January 2016 - 16:08

Одлуката на СДСМ да не го почитува договорот е директно кршење на Изборниот законик

Пред два месеци ги гласаше во Собранието, а денеска не ги почитува. Стравот на Заев од казната на граѓаните не само бегство од изборите туку и директно прекршување на изборниот законик за кој опозицијата гласаше во Собранието на седницата одржана на 9 ноември минатата година. По долги преговори во посредство на меѓународниот фактор, сите 4 политички партии се согласија околу новиот изборен законик во кој во дури 4 члена е дефиниран датумот за избори на 24 април.

Во првиот став на членот 78 стои дека „Заради организирање на предвремени избори за пратеници кои ќе се одржат на 24 април 2016 година, Собранието на Република Македонија во рок од пет дена од денот на влегувањето во сила на овој Законик, објавува јавен оглас за избор на членови на Државната изборна комисија, согласно со одредбите од овој Законик“

Во членот 80 , датумот за предвремени избори се врзува со изготвување на методологијата за прочистување на избирачкиот список, процедура која е повторно закочена од страна на СДСМ и Зоран Заев со нејзино условување со Законот за медиуми. Две целосно неповрзани работи кои немаат никакви допирни точки, освен потребата за блокирање и одолговлекување на процесот.

Најинитересни се членовите 82 и 83 со кои се ограничува платеното политичко рекламирање а забраната е повторно врзана со датумот за избори.
Член 82 во став 1 предвидува : Заради организирање на предвремени избори за пратеници кои ќе се одржат на 24 април 2016 година, забрането е платено политичко рекламирање кај радиодифузерите, печатените медиуми и електронските медиуми (интернет порталите) во периодот од 20 декември 2015 година до денот на почетокот на изборна кампања за предвремените парламентарни избори во 2016 година.

Член 83 говори :  Од  денот  на  влегувањето  во  сила  на  овој  Законик  до  денот  на  одржување  на предвремените изборите за пратеници кои ќе се одржат на 24 април 2016 година, радиодифузерите, печатените медиуми и електронските медиуми (интернет порталите) не смеат да емитуваат, односно да објавуваат реклами финансирани од Буџетот на Република Македонија

Експертите веќе предупредија дека најголеми губитници од деструктивната политика на СДСМ и Заев се граѓаните кои вчера јасно порачаа дека сакаат кризата да заврши што е можно поскоро и Македонија да продолжи по патот на реформите и просперитетот.