Македонија
19. September 2017 - 14:27

Одложено судењето на напаѓачот на Шекеринска во Собранието

Во Основниот суд Скопје 1 денеска беше одложено судењето против Панче Ангелов, за нападот врз Радмила Шекеринска во Собранието на 27 април годинава. Новото рочиште е закажано за 6 октомври 2017 година.

Судењето е одложено по барање на адвокатот на обвинетиот доделен по службена должност, кој побара време за да ја подготви судската постапка.

Според Шекеринска, главните насилници во настаните од 27 април биле изманипулирани да вршат насилство. 

- Насилството не се исплаќа, насилството се казнува. Бевме стрпливи овие неколку месеци, иако не беше лесно. Ако е ова само дополнително чекање, не мислам дека е проблем. Верувам во правото на секој обвинет да има адвокатска помош, изјави Шекеринска.

На новинарско прашање дали очекува со изборот на новиот јавен обвинител да се забрза истрагата за расчитување на настаните од Собранието, таа истакна дека и без избор на нов државен јавен обвинител, постојното јавно обвинителство има обврска да отвора истраги и да покренува обвиненија за расчистување на настаните од крвавиот четврток.