Македонија
28. јуни 2017 - 14:03

Одложено рочиштето за настаните пред општина Центар

Судското рочиште за предметот на Специјалното јавно обвинителство во врска со настаните пред општина Центар во јуни 2013 година, што требаше да се одржи денеска во скопскиот Кривичен суд, е одложено за 28  септември.

Судијката Татјана Михајлова го одложи судењето бидејќи списите на предметот се во Апелацискиот суд кој решава по жалба на СЈО за казните што им беа изречени на обвинителките Катица Јанева и Фатиме Фетаи на едно од претходните рочишта.

Во овој предмет се обвинети 14 лица, од кои пет како поттикнувачи, а останатите како директни извршители на насилството. Меѓу обвинетите се и поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер Миле Јанакиески и актуелната пратеничка во Собранието и поранешна советничка во општина Центар Даниела Рангелова, кои денеска дојдоа во Судот.

На денешното рочиште беа пристуни и градоначалникот на Центар Андреј Жерновски, како и општински советници.

Обвинителката Фатиме Фетаи по одложувањето на рочиштето во изјава за медиумите рече дека, според неа, очигледно постои координација меѓу судот и одбраната со единствена цел одолговлекување постапката.

- На ова упатува околноста што токму денеска кога списите по предметот се наоѓаат во Апелациониот суд Скопје беа присутни сите обвинити што не се случило долг период. Од страна на судот беше побарано појаснување за тоа зошто сите списи се доставени до Апелациониот суд Скопје за да биде одлучено по жалбите против решенијата за казнување на мојот шеф и мое казнување кога за донесување на таква одлука од страна на второстепениот суд е доволно да биде доставен единствено записникот од рочиштето на кое што бевме казнети. Меѓутоа одговор не добивме, рече Фетаи.

На новинарско прашање за кои случаи СЈО ќе поднесе обвиненија, Фетаи кусо одговори дека јавноста за се ќе биде известена до крајот на неделава.

Градоначалникот на Центар Андреј Жерновски, пак, го обвини Груевски дека продолжува со стратегија на одложување на судските рочишта. 

- Има две лоши вести за Груевски. Првата е дека ова е последното одложување за овој процес бидејќи случајот е многу јасен. Груевски е единствениот кој го нарачал вандализмот и тепањето на советниците, градоначалник, вработените, претставниците на медиумите итн. Втората многу лоша вест за него е дека од судот на правдата и од судот на народот, на крајот на денот, досега никој не успеал да побегне, изјави Жерновски.

Специјалното јавно обвинителство го покрена овој случај на 15 септември минатата година.