Македонија
25. May 2017 - 16:15

Одложен изборот на нови јавни обвинители

Пропадна и третиот обид за распишување оглас за избор на прв човек на скопското обвинителство.

И денешната седница на Советот на јавни обвинители беше одложена бидејќи не бил обезбеден кворум за изгласување на дневниот ред.

Според најголемиот дел од членовите на Советот, пречка и натаму е предолгиот изборен период и ставот дека до изборот на новата Влада тие не можат да именуваат и разрешуваат обвинители.

Одредени членови викаат се додека не се формира нова Влада, не можеме да вршиме избор на јавни обвинители, да разрешуваме јавни обвинители, не можиме да распишиме оглас за избор на јавни обвинители. Ќе се стрпиме, јавните обвинителства не можат да останат без јавни обвинители, а и време е да се донесе одлука да се распише оглас за избори на јавни обвинители“, изјави Аневски.

Во надлежност на скопското обвинителство се предметите поврзани со нередите во Собранието од 27 април. Аневски вели дека правната квалификација на делата зависи од јавниот обвинител, а до Советот до овој момент не е пристигната преставка во однос на постапувањето на Основното јавно обвинителство во овие предмети.

Според првиот човек на Советот, ситуацијата е особено алармантна во повеќе основни обвинителства каде е неопходно час поскоро да се пополнат испразнетите места. 

Освен огласот за нов претседател на Скопското јавно обвинителство, на следната седница Советот ќе расправа и за избор на двајца обвинители од Вишото јавно обвинителство на Скопје и за еден обвинител во Републичкото Јавно Обвинителство.