Македонија
13. November 2016 - 12:04

Одбележување на Светскиот ден на дијабетесот

Да се подигне јавната свест за дијабетесот, како и да се преземат мерки за превенција и подобро справување, апелираат од Здружение за заштита и едукација на дијабетичари „Був“ во пресрет на утрешното одбележување на 14 Ноември, Светскиот ден за борба против дијабетесот.

Се проценува, наведуваат од Здружението, дека бројот на возрасни лица со дијабетес во Македонија изнесува околу 185.000 (12 отсто од целата популација) 

Дијабетесот е здравствена состојба којашто ги засега индивидуите, општествата, градовите и земјите ширум светот.

Според последните проценки на Меѓународната Федерација за дијабетес, се смета дека околу 8,8 проценти од возрасната популација има дијабетес, од кои 95 проценти отпаѓаат на дијабетес тип 2. Бројот на лица со дијабетес драматично расте од година во година, па се смета дека до 2040 година бројот на заболени од сегашните 415 милиони ќе се зголеми на 642 милиони лица.

Овој пораст е поврзан со економски развој, популација која старее, промени во исхраната и намалена физичка активност, сето тоа на некој начин поврзано со урбанизацијата. Веќе денеска околу 54 проценти од сите луѓе живеат во градовите, а до 2050 година се смета дека 66 проценти од светската популација ќе живее во градовите. Животот во урбано подрачје влијае на животите на луѓето и е поврзан со промени во навиките за исхрана, физичка активност и работни обврски.

Денеска две третини од сите луѓе со дијабетес живеат во градовите. Освен што постои тренд на урбанизација, светската популација исто така станува постара. Се проценува дека процентот на лица над 65 години од сегашните 8 проценти до 2050 година ќе се зголеми двојно, т.е ќе изнесува 16 проценти. 

Еден од главните фактори за пандемијата на дијабетес тип 2 е прекумерната телесна тежина и се смета дека висок процент од 80-90 проценти од лицата со дијабетес тип 2 се со прекумерна телесна тежина.

Дијабетесот е асоциран со многу скапи за лекување компликации. Иако овие компликации може да бидат избегнати или одложени преку внимателна грижа, многу малку луѓе ги постигнуваат посакуваните резултати. Се проценува дека на светско ниво, само нешто малку повеќе од 6 проценти од лицата со дијабетес ги постигнуваат посакуваните резултати, информираат од Здружението.