Македонија
8. August 2016 - 8:25

Одбележување 1100 години од упокојувањето на Св. Климент Охридски

Со бројни културно-уметнички и научни содржини, Охрид и Македонија денеска ќе го одбележат големиот јубилеј 1100 години од упокојувањето на Свети Климент Охридски - закрилникот и патрон на македонскиот народ и на Македонската православна црква.
 
Прославата е под покровителство на Претседателот на Република Македонија, МАНУ и Универзитетот „Св. Климент Охридски“ од Битола, а ќе се реализира на национално ниво во соработка со министерствата за култура и за образование и наука, МПЦ, високонаучните институции во државата, градот Охрид и други установи. 
 
Според програмата, свеченостите ќе почнат денеска напладне во црквата „Света Софија“ во Охрид каде ќе биде отворена изложба на копии на фрески насловена „Портретите на Свети Климент Охридски во ликовната уметност на Македонија и на соседните земји“. 
 
Министерката за култура Елизабета Канческа Милевска минатиот месец на презентацијата на програмските содржини посветени на  „Св. Климент“ истакна дека изложбата претставува пресек на врвните творечки и уметнички прикази на светителот низ минатото.
 
Постановката, која МАНУ ја организира во соработка со Заводот за заштита на спомениците и музеј Охрид, ќе овозможи, рече Канческа Милевска, посетителите да се запознаат со впечатливите прикази на ликот на Св. Климент во црквите во Македонија, Грција, Албанија и Србија, портретите во црквите во Костур и Москополе, како и други вредни претстави кои сведочат за мисијата на првиот словенски епископ, како и за пробивноста на неговиот култ на овие простори под патронатство и закрила на Охридската архепископија.
 
На изложбата свое обраќање ќе има академик Цветан Грозданов, кој е врвен познавач на оваа тематика во науката и уметноста.
 
Вечер, пак, во рамки на фестивалот „Охридско лето“ на Античкиот театар ќе се одржи и свечена академија посветена на Св.Климент Охридски, која е централен настан во рамки на одбележувањето 1100 години од упокојувањето на светителот, а на која ќе присуствуваат гости од академиите на науките од повеќе земји.
 
Ќе следува концерт на симфонискиот оркестар на Македонската филхармонија под диригентската палка на маестро Борјан Цанев на кој ќе настапат македонските оперски уметници со светско реноме Ана и Игор Дурловски заедно со Женскиот камерен хор „Херувими“.
 
Во рамки на наменски подготвената програма на концертот, ќе бидат изведени обработки на македонски црковни напеви, како и обработки на најубавите македонски народни песни аранжирани од композиторот Сони Петровски. 
 
Во 19 часот ќе се одржи и молебен пред гробот и моштите на Свети Климент на Плаошник.
 
Свети Климент Охридски (830/840 - 916) е најдаровитиот ученик на рамноапостолните сесловенски браќа Кирил и Методиј. Се смета за закрилник и патрон на македонскиот народ и на Македонската православна црква.
 
Свети Климент учествувал во мисијата на Светите браќа во Панонија и Моравија, за словенска богослужба и словенско православие. По смртта на своите свети учители, заедно со другите ученици (Горазд, Наум, Сава и Ангелариј - заедно наречени Петочисленици) се вратил во охридскиот крај, каде развил богата црковна, просветителска и книжевна дејност.
 
Ја основал Охридската школа, попозната како прв словенски универзитет. Во текот на триесет години, низ оваа образовна установа поминале околу 3.500 ученици, кои биле оспособени за богослужба.
 
Бил хиротонисан за прв епископ словенски. Се упокоил мирно во Охрид, на 8 август 916 година. Неговите мошти се чуваат во охридската црква „Свети Климент“ - „Света Богородица Перивлепта“ во Охрид. аб/вг/07:33