Македонија
17. October 2016 - 15:56

Одбележан Меѓународниот ден за борба против сиромаштијата

Во Македонија има повеќе од 100 илјади граѓани кои што живеат во апсолутна сиромаштија, а повеќе од еден милион и двеста илјади граѓани неможат да си ги исполнат основните потреби. 

Ова денеска беше констатирано на конференција на тема Инклузија „И јас сакам да имам живот како другите!“ во организација на Македонската платформа против сиромаштија, Фондацијата Фридрих Еберт - канцеларија Скопје и Европската платформа против сиромаштија по повод Меѓународниот ден за борба против сиромаштијата 17 октомври.

Претседателот на СДСМ Зоран Заев рече дека е крајно време државата да се откаже од сите материјални аспекти коишто се преокупација на сите гласачи, а со тоа и на политичарите. Материјални аспекти со коишто политичарите билдаат мускули пред и после избори.

- Луѓето бараат храна, значи постои глад во Македонија и тоа е поразително за сите нас. Мораме да се посветиме на граѓанинот и поединецот со конкретни и прагматични чекори. Пари има. Јас ви тврдам, 400 милиони евра годишно се крадат од Македонија, рече Заев.

Според него, мора да се создаде праведно оданочувње. - Не можеме сите исто данок да плаќаме, посочи Заев и додаде дека на крајот најсирмашните стигаат и до извршител, за да го платат данокот.

- Во државава имаме девет извршители кои во 2014 година покажале нето добивка поголема од 500.000 евра. Тоа е пљачка на најсиромашните. Богатите не доаѓаат кај извршители. Тие си ги плаќаат долговите навреме. Тоа е најмодерната пљачка што се случува во Македонија, истакна Заев.

Милан Живковиќ од фондацијата Фридрих Еберт порача дека политичарите во своите агенди треба да ја имаат борбата против сиромаштијата и да работат на нејзиното искоренување.

- Фактот дека имаме над 100 илјади граѓани коишто живеат во сиромаштија е нептрифатлив и потребни се повеќе иницијативи кои ќе ја доведат сиромаштијата до еден степен до кој институциите ќе можат да работат, истакна Живковиќ.

Во рамките на одбележувањето на Меѓународниот ден за борба против сиромаштијата за своите активности прес-конференција оддржаа и Здружението „Проект среќа“ и општина Центар, со поддршка на министерката за труд и социјална политика Фросина Ременски-Ташевска.

Оваа идеа, порача министерката, треба да прерасне во активности на државните институции кои, како што рече, за жал во изминатите години многу малку прават во однос на вистинската борба против сиромаштијата.

- Македонија на европско ниво е една од најсиромашните земји, а имаме и највисока стапка на младинска невработеност. Според статистиките на Државниот завод за статистика се бележи благ пад на сиромаштијата во Македонија, но тоа е незабележливо ако се земе во предвид дека 40 проценти од домаќинствата во Македонија се наоѓаат на прагот на сиромаштијата, односно живеат со 40 денари дневно. Дваесет проценти од тие семејства неможат да си обезбедат нуту еден оброк со месо во текот на неделата, а камоли да овозможат други поволности, рече Ременски-Ташевска.

Порача дека една од нивните заложбите е да се намали стапката на сиромаштијата до 2020 година под 18 проценти, за да може, како што рече, да се обезбедат подобри услови и вистинска реализација во борбата против сиромаштијата.

Градоначалникот на Центар Андреј Жерновски истакна дека општеството во Македонија треба многу повеќе да реагира на намалувањето на сиромаштијата и дека оваа појава, потенцира тој, е главна причина зошто младите се исселуваат.