Македонија
17. April 2017 - 16:12

Од утре продолжува собранискиот маратон

По празничниот одмор, од утре пратениците повторно се враќаат во пратеничките клупи. Новиот собраниски состав го чекаат старите задачи, формирање на комисијата за избори и именувања и избор на Претседател на Собранието.

Истата задача пред пратениците стои уште од крајот на минатиот месец, но процедуралните забелешки и безбројните реплики не оставаат простор за оптимизам дека на краток рок ќе се најде излез од политичката криза.

Додека албанските политички партии се со единствен став, во македонскиот политички блок позициите се спротивставени.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ бараат СДСМ да се откаже од тиранската платформа, а пратениците на Заев бараат да се скрати правото на дискусија и веднаш да се премине на избор на Претседател на Собранието.

Стартот на новото продолжение на конститутивната седница утре е закажан за во 11 часот. Нов старт на протестите од утре во 17 часот пред владата закажаа и од иницијативата За заедничка Македонија.