Македонија
20. јуни 2016 - 16:44

Oд утре Mакедонија во портокалова фаза

Во Скопје, Штип, Велес, Прилеп, Струмица и уште во десетина градови утре ќе биде пеколно топло. Четири региони во државата ќе бидат во портокалова фаза со многу високи температури. Поради вонредните временски услови, Министерството за здравство препорачува во текот на утрешниот ден бремените жени и хронично болните лица над 60 години да бидат ослободени од работни обврски. Градежниците да не работат на отворено од 11 до 17 часот   а во истиот период да бидат избегнувани и спортски активности. Препораки има и за градинките каде негователките не треба да ги изнесуваат децата надвор кога е најтопло. Според лекарите, на вакви екстремно високи температури, колабирањата се неизбежни доколку не се почитуваат основните мерки на заштита.

-Препораките се однесуваат и на младите, и тие треба да ги почитуваат, пред излегување да јадат, да пијат многу течности за да ја надополнат изгубената течност преку потењето и да носат светла облека и заштита од сонце, изјави Ѓеорги  Карамановски од Брза Помош.

Поголемо внимание според лекарите треба да има и при подготовката и консумирањето на храната за да не дојде до труења. Повеќе овошје и зеленчук и избегнување на алкохолни пијалоци.

Според синоптичарите високи температури се очекуваат до крајот на неделата.