Македонија
14. јуни 2016 - 15:01

Од утре до 18 јуни 9. Француски филмски фестивал во Скопје и Охрид

Со филмот „Патот за Истанбул“ на алжирскиот режисер Рашид Бушареб, утревечер во кино „Милениум“ ќе почне деветтиот Француски филмски фестивал кој ќе се одржува во Скопје и Охрид во организација на Амбасадата на Франција и Францускиот институт со поддршка на Министерството за култура. 

На фестивалската програма се уште пет филма во Скопје  („Страв“ и „Утре“ на 16 јуни,  „Фатима“ и „Лето“ на 17 јуни и „Ни на небо ни на земја“ на 18 јуни) и три филма во Охрид кои ќе бидат прикажани во Центарот за култура „Григор Прличев“ („Каприс“ на 16 јуни, „Три срца“ на 17 јуни и филмот „Судија“ на 18 јуни).

Гости на фестивалот ќе бидат актерката Астрид Ветнал и режисерот Кристијан Венсан (од филмовите за отворање и за затворање на фестивалот), како и претставници на Националниот центар за филм на Франција (CNC) - Жилиен Езано, советник за билатерална соработка на CNC, и Одре Бијар, директорка на фестивалот за краткометражни филови „Off-Courts“. Тие во Агенцијата за филм на РМ во четврток ќе имаат средба со филмските професионалци од Македонија, а на Универзитетот ЕСРА попладнето ќе одржат работилници за студенти.

Амбасадорката на Франција во Македонија Лоранс Оер на прес-конференција рече дека мото на годинашниот фестивал е „Различна кинематографија“ затоа што има желба да покаже иновативност и ангажираност. Во таа насока е филмот „Патот за Истанбул“ кој раскажува актуелна тема - одлуката на млада девојка да замине во војна во Сирија, како и документарецот на еколошка тема „Утре“, кој има еден милион посетители. 

- Во четирите фестивалски денови во Скопје и во Охрид ќе имаме можност да гледаме престижни француски филмови кои имаат бројни награди, меѓу другите и наградата „Цезар“, а филмот „Судијата“, на пример, е награден во Венеција. Програмата на фестивалот е комплетна зашто не се состои само од филмови, туку има и професионални средби, што ќе овозможи филмските работници од оваа земја да стапат во контакт, да разменат искуства и можеби да се впуштат во копродукции со Франција, рече Оер. 

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска искакна дека овој фестивал се очекува со нетрпение од македонската публика поради долгата традиција на француската кинематографија и естетиката на францускиот филм. Посочи на одличната сорабтка со Франција во реализацијата на две мултилатерални копродукции („Мајки“ на Манчевски и „Лазар“ на Ристовски).

Потсети дека познатата продукција „Шик филмс“ лани во Македонија снимаше дел од францускиот филм „А Фонд’ на режисерот Никола Бенаму и дека интерес за снимање на локации низ земјава покажале и други филмски компании од Франција, како и од Велика Британија. 

- Уверена сум дека соработката помеѓу Франција и Македонија и во иднина ќе се продлабочува и интензивира, а токму Фестивалот на францускиот филм ќе биде одлична можност нашите продуценти, автори, режисери да разменат контакти и да реализираат заеднички иницијативи и проекти, рече Канческа-Милевска. 

Ангажираноста на Македонија во областа на филмското продуцирање ја поздрави амбасадорката Оер која нагласи дека е тоа извонредна идеја која ќе овозможи да се привлечат младите генерации кон филмот.

За таа цел втора година се организира и натпревар за мини видео за млади. Наградените ќе бидат соопштени на 17 јуни во кино „Култура“. Првата награда е еднонеделен престој во Долна Нормандија на фестивалот „Off-Courts“. 

Директорката на Агенцијата за филм на РМ Мими Ѓоргоска-Илиевска посочи на значењето на средбата на македонските филмски професионалци со претставниците од францускиот филмски центар CNC и доаѓањето на нејзиниот колега Жилиен Езано. Средбата е можност за размена на информации кои би резултирале со копродукциски проекти. 

- Задоволство е што ќе ги имаме како гости во Агенцијата за филм. Се надевам дека оваа традиционална соработка во областа на филмот ќе можеме во блиска иднина да ја крунисаме и со еден билатерален договор помеѓу двете земји за соработка во филмската дејност, истакна Ѓоргоска-Илиевска.