Македонија
17. September 2015 - 14:28

Од утре „Денови на кочанскиот ориз 2015“

Со изложба на дела изработени од ориз  и со концерт на КУД „Мирче Ацев“ од Скопје утре во Кочани ќе почне стопанско културната манифестација „Денови на кочанскиот ориз“ на која се најавени повеќе содржини од книжевната, ликовната и фолклорната уметност.

- По 24-ти пат на манифестацијата ќе го славиме оризот симболот на кочанскиот крај. Содржините се разновидни, богати и содржајни. Во меѓународниот дел од манифестацијата  ќе учествуваат претставници од збратимените градови со Кочани, Крижевци Хрватска, Сигентсетмиклош Унгарија, Китила Романија, Хмељницки од Украина, како и фолклорни групи од Полска,Турција, Романија. Хрватска, Босна,  Црна Гора и Македонија, рече денеска на прес-конференција градоначалникот на Кочани Ратко Димитровски.
 
Традиционалната жетва на ориз со срп ќе се реализира на оризова нива во кочанското село Прибачево каде што  ќе биде прогласен и најдобриот индивидуален земјоделски производител.
 
Во рамки на манифестацијата ќе биде промовирана и книга за оризот, а ќе се реализира и традиционалната манифестација „Оризова бела вечер“ со настап на Елена Ристевска и кочански музички бендови. Буџетот на манифестацијата изнесува милион денари, обезбедени од општина Кочани.