Македонија
23. August 2015 - 19:50

Од септември нови 500 стипендии за малди спортски надежи

Нови 500 млади спортски таленти од септември ќе добијат стипендија преку владиниот проект за поддршка на младите спортисти. Премиерот Груевски најави дека и следната сезона продолжува соработката на Владата со спортските федерации кои секоја година предложуваат одредена бројка за најталентирани спортисти кои треба да се стипендираат. Во меѓувреме продолжуваат и интензивните инвестиции во изградба ма спортска инфраструктура.

 „Веќе пет до шест години ние секоја година стипендираме 500 млади спортски надежи до 20 години. Стипендирањето е во висина од 20 проценти од просечната месечна плата, околу 4.200 денари и се одвива по пат на соработка со федерациите...Досега во овие пет-шест години се инвестирани околу два милиони евра во стипендирање на млади спортски надежи. Значи, освен тоа што тоа вложуваме во инфраструктурата и градиме многу спортски сали, фудбалски терени, градиме сто фудбалски игралишта за мал фудбал, повеќенаменски спортски игралишта, 120 тениски терени,  даваме и средства за поддршка, односно за стипендирање на најталентираните 500  млади спортисти во Македонија, рече Груевски на новинарско прашање по посетата на населеното место Цветово во рамки на средбите со граѓани во општина Студеничани.

 Проектот за доделување на 500 стипендии за млади и талентирани спортисти се однесува на млади до 20 години кои имаат остварено разултати на официјални државни и меѓународни натпревари, во чии рамки досега се доделени 2859 стипендии за кои Владата одвои два милиони евра.