Македонија
10. August 2017 - 17:25

Од понеделник започнуваат уписите на штипскиот Универзитет

Од понеделник, 14 август, започнува првиот уписен рок на штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“ за студиската 2017/2018 година. На 12 факултети и 3 академии има 5212 слободни места за упис на нови студенти, меѓутоа анализите покажале дека во сите уписни рокови ќе се запишат 2500 бруцоши.

- Мислиме дека бројката од 2.500 студенти е нормална и да кажеме реална бројка, која што би требало да пристапи на овој универзитет и мислам дека условите кои ги располага универзитетот е бројка со која можеме да се носиме и да правиме квалитетно образование, изјави Блажо Боев, ректор на УГД-Штип

 Идните студенти ќе можат да конкурираат во зградата на стариот ректорат и во наставните центри на УГД во Струмица, Скопје, Кавадарци, Прилеп, Радовиш, Виница, Пробиштип и Кочани. Исто така отворена е и електронска платформа за аплицирање од странство.

- Сите опции се отворени и достапни за пријавување на Универзитетот од било каде во Република Македонија и надвор од државата,  изјави Боев.

Покрај за студентите, УГД има слободни околу 150 работни места  за асистенти и доценти кои имаат стекнато квалитетно образование во земјава и надвор од неа.

- Мислам дека е доволно добра можност за младите, доколку се отвори овој процес, да влезат на овој Универзитет кој има можности да ги прифати, додаде Боев

Штипскиот универзитет нема да наплатува партиципација за студенти без родители, лица од прв степен со инвалидност, за воени инвалиди, лица одгледани во домови за деца без родители, а од оваа академска година студентите кои имаат растено само со еден родител ќе плаќаат половина од износот на партиципацијата.