Македонија
26. May 2017 - 16:43

Од понеделник стартува со работа „ПЕТ центарот“ една од капиталните инвестиции во македонското здравство

Од понеделник ПЕТ центарот ќе ги отвори вратите за пациентите. Прегледите ќе ги закажуваат преку Мој Термин. За почеток ќе им даваат здравствени услуги на 4 до 5 заболени од малигни заболувања. Постапката за дијагностика ќе трае околу два часа. Со апаратурата ќе може да се открие и една малигна клетка во организмот а исто така ќе следат и дали е ефикасна терапијата што ја зема болниот.

-Склучивме договор и со Фондот за здравствено осигурување. Има дијагностика за малигни и други сериозни и тешки заболувања, вели Емилија Јаневиќ Ивановска, директор на ПЕТ центар

ПЕТ центарот е единствен од ваков вид во регионот кој ќе произведува радиоизотопи за дијагностика на пациентите. Кадарот кој работи во новиот објект поминал обука во реномирани странски центри.

-Го изградивме од темел, според сите стандарди на МААЕ, најреномиран и најкапитален објект, вели Никола Тодоров, министер за здравство

Во посета на новиот ПЕТ центар денеска беше и генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија, кој потврди дека се исполнети условите за почеток со работа и сите процедури ќе бидат по меѓународни стандарди.

-Оваа институција покажа дека е способна да биде тренинг центар. Двомесечна обука се одржа за фармацевтите од африканските земји и беше целосно поддржана од страна на Меѓународната агенција за атомска енергија,изјави  Генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија, Јукија Амано.

Почнувањето со работа на новиот ПЕТ центар, на својот фејсбук профил го поздрави и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Со изградбата на овој напреден ПЕТ Центар Македонија влегува во нова, понапредна фаза, во медицината. Ова е проект кој беше предвиден во нашата програма и претставува уште едно реализирано ветување. Овој центар останува на Република Македонија и ќе значи ниво погоре во медицинската заштита за пациентите. Центарот ја става земјава на повисоко ниво на светската здравствена мапа и го подига нивото за давање на здравствени услуги и најсовремена дијагностика, како и врвна научно-истражувачка работанапиша Груевски на Фејсбук