Бизнис
9. January 2018 - 21:07

Од полноќ поскапува дизелот и 98-та, граѓаните се жалат на нискиот стандард

Ново поскапување на горивата. Од полноќ цената  на дизелот повторно ќе порасне , овој пат за еден денар. Литар ќе се продава за 59, 5 денари. Цената на бензинот од 98 октани се зголемува за  половина денар и ќе чини 68,5 денари за литар.  Новата цена на маслото за домаќинства изнесува 48 денари, а поскапува и мазутот. Единсветно ЕУРОСУПЕР  95 ќе се продава исто по цена од 66, 5 денари за литар.

Граѓаните реагираат на поскапувањето. Свесни се дека цените  се движат паралелно со оние на светските берзи но велат дека македонскиот стандард тоа не може да го издржи.

Дали ваквото поскапување на  горивата ќе  ги  принуди и превозниците да ги зголемат цените е рано да  се зборува. Дел од нив за Сител потврдија дека ја следат состојбата со горивата и дека им е потребен еден месец да ги направат сите анализи  кој ќе покажат дали ќе има потреба да ги поскапат билетите. Засега единствено е зголемена цената на повратниот билет од Крива Паланка до Скопје и тоа за 20 денари.

Зголемувањето на цената на месечната карта пак од Куманово до Скопје која порасна за 400 денари од 2.300  на 2.700, превозниците објаснуваат дека не се должи на состојбата со горивата туку поради тоа што  сумата на овој билет била многу ниска. 

По нова година ова  е второ поскапување на дизелот. Поради зголемувањето на акцизата за нафтата за 3,5 денари  на први јануари цената на дизел горивото порасна за исто толку. Претходно на крајот на декември регулаторна донесе одлука за негово поскапување за половина денар.