Бизнис
8. May 2016 - 16:23

Од Македонија се извезуваат се поскапи производи

Катализатори, делови за возила, авиони и бродови. Ова се најизвезуваните производи од земјава во првите три месеци од оваа година.

Од јануари до март од Македонија се извезени машини и транспортни уреди во вредност од над 280 милиони евра или 30% повеќе од истиот период лани. 

Во истиот период извозот на хемиски производи стигнал до близу 250 милиони евра или 26% повеќе споредено со првиот квартал од 2015.

Овие две ставки чинат повеќе од половина од вкупниот извоз во првото тромесечие кога тој изнесувал 983 милиони евра што е 5,7% повеќе од лани.

Новите фабрики ја сменија структурата на макеоднскиот извоз, па наместо храна и текстил, сега од земјвата се извезуваат поскапи производи што придонесе за намалување на дупката во трговската размена. Покриеноста на увозот со извоз во првиот квартал изнесува 72,5%.

„Како резултат на работата на странските инвеститори во слободните зони покриеноста на увозот со извоз од 53% во 2009 година, стигна до 70% во 2015 година. Учеството на фабриките во зоните во вкупниот извоз изнесува 36%“, вели Горан Мијановски од Здружението на млади аналитичари и истражувачи.

Зоните и годинава се предводници на растот на извозот. Заклучно со април од нив се извезени стоки во вредност од над 560 милиони евра или за над 30% повеќе споредено со истиот период лани.