Македонија
6. February 2017 - 13:12

Од јули директен лет Скопје-Доха со Катар ервејс

Авиокомпанијата  Катар ервејс денеска официјално потврди дека од 17 јули годинава ќе почне да лета на линијата Скопје-Доха-Скопје, најави министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски.

- Како што не информираа од Катар ервејс, авиокомпанијата ќе почне со процедурите за добивање на потребните дозволи за летање и веќе од 17 јули се воспостави првиот лет од Скопје кон Доха. Се работи за една глобална авиокомпанија која ќе понуди нови можности за македонските граѓани и директни летови кон Блискиот Исток, рече Мисајловски на денешната прес-конференција.

Нагласи дека со тоа се реализира уште едно залагање на Владата за зголемување на бројот на достапни авиолинии и додаде дека во последните неколку години авиосообраќајот во Македонија постигна вистински напредок како по бројот на патници, така и по бројот на нови дестинации.

- Минатата година ја завршивме со рекордни 1,8 милиони патници што поминале низ двата аеродрома. Денеска имаме преку триесетина дестинации од кои 25 се достапни преку нискобуџетните летови. Остануваме на истиот курс, со иста политика, а тоа е привлекување на нови авиокомпании што ќе понудат нови дестинации со пристапни цени на билетите, рече Мисајловски.

Во 2005 година од двата аеродрома биле превезени вкупно 579.913 патници од кои 525.983 од аеродромот „Александар Велики“, а 53.930 до „Свети Апостол Павле“. Лани од скопскиот аеродром биле превезени 1.651.826 патници, а од охридскиот 142.550 или вкупно 1.794.376 патници.

Во 2005 година од македонските аеродроми се летало на вкупно 17 дестинации во 2006 на 18, 2007 на 20,...2015 на 31 и во 2016 на 35 дестинации.

Од 35-те дестинации Визер покрива 25, а други авиопревозници ги покриваат дестинациите Загреб, Дубаи, Белград, Љубљана, Истанбул, Виена и Цирих. Авионите на Визер сообраќаат до Лондон, Венеција, Малме, Базел, Ајндховен, Дортмунд, Милано, Минхен, Меминген, Стокхолм, Гетеборг, Брисел, Франкфурт, Келн, Париз, Барселона, Осло, Нирнберг, Хамбург, Фридрихшафен, Базел преку Охрид, Берлин, Копенхаген, Братислава и Хановер.