Македонија
9. January 2017 - 16:17

Од двајца бездомници кои одбиле сместување во Центарот во Момин поток, еден почина

На судска медицина ќе се прават дополнителни испитувања за да се утврди дали бездомникот во Аеродром починал од премрзнување.

Анализите кои во се во тек треба да ја откријат точната причина за смртта. 68 годишниот маж вчера бил пронајден мртов во близина на транспортниот центар.

Од Црвениот Крст велат дека починатиот и уште еден бездомник и покрај инсистирањето одбиле да бидат сместени во прифатниот центар во Момин поток.

Откако земјава ја зафатија екстремно ниски температури во пунктот секоја вечер за да преспијат доаѓале по 16 бездомници, а половината останувале и преку ден.

И за утре важат препораките од комисијата за превенција од студени бранови хронично болните лица над 60 години и бремените жени да бидат ослободени од работа. Од комисијата препорачуваат без потреба да не се излегува од дома и предупредуваат дека 2 часа на -20 ако телото е во мирување може да се јават сериозни здравствени проблеми и да завршат фатално.

-Се препорачува граѓаните што е можно повеќе да бидат активни и да се движат во затворени простории, да го проверат греењето во домот и доколку се во можност да помогнат на членовите на фамилијата, соседите или пријателите кои спаѓаат во ризичните групи на население, изјави проф.д-р Михаил Кочубовски, од комисијата за превенција од студени бранови.

На вакви температури длабото под нулата никако да не се консумира алкохол, категоричен е професорот Кочубовски.

-Да конзумираат топли напитоци и храна што ја одржува температурата на телото, да избегнуваат алкохол и соодветно да се облекуваат, додаде професорот Кочубовски.

Од комисијата апелираат доколку граѓаните забележат лица кои се под од ризик од студено време како што се бездомниците да пријават на бесплатниот телефон 15 505 за да може да им се пружи соодветна помош.