Македонија
24. April 2017 - 16:28

Од денеска до петок во Македонија се одбележува неделата на имунизација

Цела недела тимови од центрите за имунизација на терен ќе ги бараат децата кои не примиле ниту една вакцина или не се доволно заштитени.  Ќе разговараат со родителите дека тоа е најдобриот начин за превенција од опасните заразни заболувања, кои повторно ги демнат земјите од европскиот континент. Епидемиолозите се загрижени што за разлика од пред две три години кога овој проблем беше присутен во руралните средини, сега против имунизацијата се интелектуалци од централните градски подрачја.

-Овој проблем сега ни е лоциран во градските средини каде опфатот со имунизација е многу намален. Читаат и потпаднуваат под дезинформации и како што велат експерти од фармација, со 2-3 часа поминати на интернет стануваат стручни и мислат дека знаат се за вакцините, вели Јованка Костовска, државен советник во МЗ

Според надлежните, прашање на денови е кога во земјата ќе биде регистриран случај на морбили. Причината е намалениот опфат на вакцинирани деца со МРП како и ширењето на малите сипаници во земјите во регионот. Причина за последната епидемија во 2010 година бил увезен случај од Германија.

-Имавме суспектен случај, но се покажа дека станува збор за алергија. Но ние сме на готовс и сме подготвени да ги преземеме сите мерки доколку во земјата ни дојде случај со морбили, вели Костовска

Во неделата на имунизација, надлежните ќе имаат и состаноци со матичните лекари, кои секогаш мора да бидат подготвени да им одговорат на родителите за сите прашања околу вакцините.

Секоја година околу 150 000 деца во земјата од 0 до 18 годишна возраст се подложни на вакцини согласно календарот за имунизација. Речиси една третина од нив се од Скопје