Македонија
19. October 2017 - 14:22

Од 25 до 29 октомври 43.издание на меѓународниот саем ТЕХНОМА

Во организација на Скопски саем од 25 до 27 месецов во ВИП арена „Борис Трајковски“ во Скопје ќе се одржат 43. издание на меѓународниот саем ТЕХНОМА  и 37. Меѓународна изложба на иновации - МАКИНОВА 2017.

На саемските манифестации ќе бидат презентирани дејности, производи, услуги и експертиза на домашни и странски фирми од металургијата, електротехниката, енергетиката, градежништвото... 

- Тимот на Скопски саем со години ги подготвува познатите саемски манифестации кои резултираат со десетици илјади посетители и бројни бизнис конекции и контакти со значително влијание врз економијата во Република Македонија. Овој стучен тим во целост ја вложи својата умешност и долгогодишно искуство во организација на годинешното издание на саемот ТЕХНОМА 2017 и ВИП Арена „Борис Трајковски“  ќе ја претвори во центар за иновативност и технологија, изјави Дејан Кошутиќ, извршен директор на Скопски саем.

Како што потенцираат од Скопски саем, на ТЕХНОМА веќе четири децении се претставуваат националните економии од многу земји и региони и се организираат разни стручни програми и Б2Б средби.

Официјалното отворање на ТЕХНОМА 2017 е закажано за 25 октомври (среда) во 11:30 часот во ВИП арена „Борис Трајковски“. 

Работното време за посета на саемот е од 10 до 19 часот. Цената на редовната влезница изнесува 50 денари, а за организирани групни посети влезницата чини 30 денари.