Бизнис
4. September 2015 - 16:30

Од 2006 година до денес, просечната пензија е поголема за цели 70 проценти

До крајот на месецот пензионерите можат да аплицираат за бесплатна бањско климатска рекреација. Министерството за труд и социјала денеска го објави јавниот повик. Обезбедени се финасиски средства за покривање на трошоците на 5000 лица. Од 2010 досега вакви услуги искористиле 33 000 пензионери. Успешната реализација на проектот кој трае веќе 5 години ја поткрепуваат и изјавите на корисниците кои се задоволни од тоа што го добиваат во бањите.

- Приоритет ќе имаат оние кои имаат пониски пензии, посебен приоритет  ќе имаат лицата со инвалидитет, како и пензионираните рудари коишто работеле во подземен ископ, изјави Диме Спасов, министер за труд и социјална политика.

Бањската рекреација и бесплатниот викенд се само дел од проектите преку кои надлежните се грижат за населението во староста. Изминатите години во Македонија има сериозно зголемување на стандардот на пензионерите. За девет години просечната пензија е зголемена за 70 проценти. Во 2006 била 7683 а во октомври 2015 ќе изнесува 13 073 денари.

Наредната година треба да продолжи втората фаза на активностите за значително подобрување на условите за живот на пезнионерите коишто живеат во пензионерски домови, а се со пониски пензии. Како Влада, овозможивме и поволности за инвеститори од земјата и странство, за изградба и проширување на установи за згрижување на стари лица, изјави Спасов.

Министерот за труд и социјала денеска ги отвори 20-тите јубилејни републички пензионерски спортски активности кои се под покровителство на владата.