Македонија
18. August 2017 - 17:05

Од 1ви септември втора смена во градинките

Од први септември градинките треба да се организираат да работат двосменски и секоја прва сабота во месецот. Децата на родителите кои работат попладне ќе бидат згрижени, информираше министерката за труд и социјала. Со одлука на Владата втората смена ќе биде од 14.30 до 21.30 часот. Ова ќе важи за установите во цела Македонија со исклучок на градинки кои ќе проценат дека нема потреба од двосменско работење.

- Целта на двосменското работење е децата и родителите да ја добијат потребната, соодветна грижа од јавите установи. Ако во некоја општина има потреба само едно дете да оди втора смена, градинката тоа ќе треба да го организира и реализира зашто е од интерес на граѓаните, изјави Мила Царовска, министер за труд и социјална политика.

Новиот начин на работа на градинките наметнува потреба од нови вработувања на негувателки и воспитувачки и повеќе финансиски средства за трошоци за нормално функционирање на установата.

-Се прави анализа за потребата од нови вработувања. Министерството е подготвено за отворање нови работни места, што како потреба ќе ги наложи двосмеснкото работење, додаде Царовска.

Царовска додаде дека во министерството се прави план за отворање на нови градинки според реалните потреби бидејќи во некои општини има многу повеќе деца на предучилишна возраст и постоечките установи се преполни.