Македонија
2. February 2017 - 13:35

Од 10 февруари бесплатен јавен превоз во Македонска Каменица

Бесплатниот јавен превоз за пензионери и социјално загрозени семејства во Македонска Каменица ќе почне од 10 февруари, најави денеска портпаролот на општината Васко Десподовски.

Тој изјави дека поради огромниот интерес кај жителите на Македонска Каменица и потребата од дополнително време за разгледување на доставените документи, реализацијата на овој проект ќе се пролонгира за една недела од првично најавениот датум. 

- Досега се пријавени 340 жители од руралните средини и имајќи предвид дека услугата ќе можат да ја користат и нивните брачни партнери, евидентно е дека бројот на корисници нема да биде помал од 500 жители на руралните средини. Најголем број пријавени се од селото Саса, односно 77 лица, а најмалку во селото Тодоровци, односно 22 лица. Возниот ред ќе биде објавен во медиумите, а ќе биде поставен и на видни места во централното градско подрачје и во руралните средини. Веќе е утврден и возниот ред, постојките, но и бројот на корисници кои ќе користат бесплатен јавен превоз, рече Десподовски.

За реализација на проектот, општината набави две нови комби возила, а бесплатниот јавен превоз ќе биде во петок, кога е пазарен ден во Каменица.