Македонија
21. February 2018 - 13:16

Од 1 јуни директна авиолинија Варшава - Скопје

Скопје и Варшава од 1 јуни годинава ќе бидат поврзани со директна авионска линија, објавија денеска ТАВ Македонија и ЛОТ Полиш ерлајнс.

Летови на оваа линија ќе има речиси секој ден, односно шест пати неделно, освен во недела, со модерни Ембраер воздухоплови. Билетите се веќе во продажба, преку Контакт-центарот на LOT, на интернет страницата www.lot.com, и кај продажните агенти.

Генералниот директорот на ТАВ Македонија Алпер Ерсој информираше дека минатата година летовите кои беа реализирани од Катовице до Охрид, а оваа година ќе се реализираат од Варешава до Охрид покрај оној од редовната линија Варшава-Скопје.

-Сето ова ќе придонесе на развивањето на економијата но и за развој на самиот туризам. Полска е значајна за нас како една конекција која ќе овозможи спојување со останатите држави од Западна Европа, Северна Америка..., истакна Ерсој.

Амбасадорот на Полска во Македонија Јацек Мултановски рече дека освен заедничките презимиња кои ни завршуваат на „ски“ Македонија и Полска се поврзани историски, преку културата, науката образованието, туризмот..., а сега таа врска, рече тој, ќе биде поблиска, односно на само дваипол часа. 

Компанијата ЛОТ Полиш ерлајнс е трета авиокомпанија во Европа, а шеста во Светот. Како што информираше Александра Дабковска Пи-Ар на ЛОТ појасни дека компанијата поседува нови и софистицирани авиони за прекуокенаски летови меѓу кои и Боинг 787/9, 737 но и авиони Ембраер кои ќе летаат на релацијата Скопје-Варшава. 

Ембраерите на LOT секој понеделник, среда и петок ќе полетуваат од Аеродромот „Шопен“ во Варшава во 10:35 часот за да пристигнат во Македонија во 12:40 часот. Патниците на летот од Скопје за Варшава ќе заминуваат во 13:20 часот. Секој вторник, четврток и сабота летот од Варшава е закажан да полета во 14:25 часот, а да слета во Скопје во 16:30 часот. Поаѓањето од Скопје е планирано да биде во 17:10 часот, додека пристигнувањето во Варшава е во 19:15 часот.

Распоредот на летови е креиран така што патниците кои патуваат од Скопје да имаат пристап до брзи и погодни летови за конекции од аеродромот „Шопен“ во Варшава до дестинации во САД, Канада и Западна Европа