Македонија
28. September 2016 - 16:16

Обвинителството побара бришење на прислушкуваните материјали од социјалните мрежи

Полицијата ќе проверува кој ги објавил прислушуваните разговори на албанските политичари на социјалните мрежи, а Обвинителството ќе бара од Facebook снимките да бидат отстранети. 

“Во врска со снимките кои беа објавени деновиве МВР ги презема сите дејствија кои се во наша надлежност. Во петокот беше известено Јавното обвинителство, а вчера од таму е издадена и наредба за отстранување на материјалот од социјалната мрежа Facebook.
Ќе се направи проверка на IP адресите со цел да се открие кој ги поставил овие содржини“ – вели портпаролот на МВР, Тони Ангеловски во писмена изјава за Сител.

Од Основното обвинителство потврдуваат дека е издадена наредба за утврдување на IP адресите од кои се поставени снимките, што е еден од начините да се најде одговорот на прашањето кој ги поставил разговорите на интернет. И покрај активностите на надлежните, прислушуваните разговори се уште се јавно достапни.

Дали дел од овие снимки се наоѓаат во архивата на СЈО и дали ова обвинителство кое е надлежно за гонење на кривични дела кои се поврзани и произлегуваат од незаконски прислушуваните материјали ќе поведе некаква постапка, до овој момент нема одговор.

Лидерот на СДСМ на ден пред Нова Година лани, на СЈО му предаде 6 картонски кутии во кои според обвинителството имало над 500.000 прислушувани разговори.
Една недела претходно, полицијата во претрес во домот на Захир Бекири Чауш, обвинет во случајот Фабрика за афери пронајде 70.000 прислушувани разговори во фолдер кој според обвинителството бил именуван со наслов „СДСМ Заев“. Медиумите шпекулираа дека дел од незаконските снимки им биле нудени на лица од косовското криминално подземје. Дали тоа што во моментов снимките од албанските политичари се објавуваат во косовски медиуми е потврда за шпекулациите или само коинциденција, треба да покаже истрагата.

Во ДУИ молк.  Генералниот секретар Абдулаќим Адеми не одговори на прашањата на Сител, какви мерки ќе преземат по објавувањето на снимките. За други медиуми, од ДУИ изјавиле дека сите нивни функционери чии имиња се поврзуваат со разговорите ќе поднесат кривични пријави.