Македонија
17. February 2016 - 16:23

Обвинителството бара мерки за претпазливост за Јанковски

Одземање на пасошот и обврска повремено да се јавува во судот. Основното јавно обвинителство бара од Судот со две мерки за претпазливост да се обезбеди присуството на сопругот на Шеќеринска во истражниот процес кој против него го покрена полицијата во врска со аферата Кирија. Обвинителството ја прифати кривичната пријава и реши против Бобо Дајнерс да отвори постапка за злоупотреба на службената положба и овластување.

„Лицето се сомничи дека злоупотребувајќи ја службената положба и овластување, како службено лице вршел закуп на станови на кој се јавува како приватен сопственик. При тоа, по вршење на закупот, просториите не биле користени од страна на друштвото што го управувал“ – стои во соопштението на Јавното обвинителство.

Аферата кирија изби пред повеќе од една година кога во јавноста излегоа договорите според кои, сопругот на Шеќеринска издавајќи си сам на себе 3 стана во Скопје и еден во Охрид извлекол од фирмата Дајнерс над 300 илјади евра во период од 5 години.

Парите ги извлекувал на тој начин што потпишувал договори за изнајмување на станбен деловен простор сам со себе на суми кои се далеку повисоки од пазарните. Кириите се движеле од 1800 евра месечно за станот во Охрид до неверојатни 5300 евра за еден месец за станот во кој живеат Јанковски и Шеќеринска во скопско Тафталиџе.

Во договорите стоело дека становите ќе ги користи фирмата Дајнерс, но тоа не се случило, а Јанковски за нив плаќал данок на имот по повластена стапка, пријавувајќи ги како место во кое живее.

Шеќеринска преку својата партија во изминатите два дена ги обвинуваше медиумите дека лажат и дека против нејзиниот сопруг не е поведена кривична постапка. Таа своите тврдења ги аргументираше со документ издаден пред 2 години за кој од Обвинителството велат дека е резолуција со која тогаш била запрена постапката, што не претставува пречка таа повторно да се отвори доколку за тоа се најдат нови докази.