Бизнис
29. July 2015 - 14:04

Обуки за везење и плетење, мерка за нови работни места

Невработени жени од скопскиот регион ќе учат вештини за плетење и везење преку мерката  „Моќта на дизајнот и занаетот“, што ќе ја спроведуваат Центарот за вработување на Скопје и Занаетчиската комора на Македонија, дел од твининг проект со кој е обезбедена финансиска поддршка од 10.000 евра. 

Целта е да се создадат нови работни места со комбинирање на македонскиот дизајн, занаетчиското знаење и претпримеништвото. Обуките ќе траат три месеци и ќе може да ги посетуваат невработени  од скопскиот регион евидентирани во Центарот за вработување како активни баратели на работа. Од предвидените 240 часа, 200 часа  ќе бидат практично знаење.  

- Со мерката за обучување за плетење и везење на невработените ќе им помогнеме да се стекнат со знаење и вештини, а подоцна за нив ќе се обезбедат нови  работни места, изјави денеска по потпишувањето на договорот за спроведување на мерката Слободана Алексовска, директор на скопскиот Центар за вработување. 

Со обуката, додаде Алексовска, ќе се комбинира македонскиот  дизајн, занаетчиското знаење и претпримништвото коешто понатаму ќе ги донесат невработените до работно место, некои од нив ќе се вработат кај други работодавачи, а некои ќе ги поддржиме да отворат свои бизниси преку  различните мерки што ги нуди Агенцијата за вработување. 

Според Снежана Денкоска, извршна директорка на Занаетчиската комора, целта е да се создаде нов современ производ од младите и невработени жени  кои сакаат да ги научат техниките и вештините на рачно  плетење и везење.

- Ќе се користат како апликации и ќе работат со моден дизајнер со цел да се создаде нов современ производ којшто ќе можќе да се  користи во  современи услови и да може да се најде на пазарот на кретивни индустрии. Тоа значи дека ќе се создадат производи за внатрешно уредување, перници, завеси, постелнини, модни  детали,  џемпери,  фустани... Со сосема нов производ сакаме да го сочуваме она што е традиционално  и култура на живеење а сепак да создадеме нов производ, изјави Денкоска. 

Преку твининг проектот на ЕУ се финансира развојот и спроведувањето активни мерки на пазарот на труд. Покрај во Скопје со поддршка од 10.000 евра избраната мерка се спроведува и во Битола, Куманово и во Тетово.  

- Можеби износот од 10.000 евра не е толку голем, но  е доволен  да се поттикне развојот на самите региони  и на соработката меѓу социјалните партнери во рамки на регионите и како ние би можеле да придонесеме социјалните партнери да помогнат во развивањето  вакви мерки, изјави Аксел Биргер, постојан советник во твининг проектот.

Податоците на твининг проектот покажуваат дека има намалување на бројот на фирми во сопственост на жени, кои се 33 проценти од вкупниот број фирми со ангажман на 10,5  проценти од вработените. Домашното ракотворење и уметничкото занатечиство се посочени како значајни за унапредување на локалниот економски развој, можност за сопствен бизнис, но и дел од креирање туристичка понуда за развој на туризмот.

Партнери во двегодишниот  твининг проект се Македонија, Германија и Литванија.