Македонија
17. October 2017 - 9:54

Објавен зборник на членовите на ДПМ

Под наслов „Македонски писатели“, деновиве излезе од печат био-библиографски зборник на членовите на ДПМ, а по повод јубилејот 70 години од формирањето на македонската писателска асоцијација.

Публикацијата на ДПМ, со исцрпни био-библиографски прилози и со фотографии, ги претставува сите генерации македонски автори, од основоположниците на Друштвото на писателите, Блаже Конески, Славко Јаневски и Ацо Шопов, до најмладите претставници на македонската книжевна сцена. Во ова, до сега најобемно и најсеопфатно издание посветено на писателите во Македонија, нотирани се околу  13.000 наслови објавени на македонски, албански, турски, српски, влашки, ромски, хрватски и бошначки јазик. Делата се од областа на поезијата, романот, расказот, критиката, есеистиката, литературата за деца, драмата и книжевната наука.

Преку означување на првите изданија на сите наслови објавени од ослободувањето до денес, зборникот на ДПМ го претставува богатството на современата македонска литература во најзначајните фази од нејзиниот развој, како важен влог во македонската национална и културна историја.

Друштвото на писателите на Македонија е формирано во 1947 година. ДПМ е прва асоцијација на уметници во Македонија, со најдолга традиција и со најголем број членови, вкупно 540 писатели.