Македонија
22. September 2015 - 14:25

Објавен вториот повик на Фондот за иновации, на располагање 1,3 милиони евра

Милион и 300 илјади евра е буџетот  со кој преку кофинансирани грантови Фондот за иновации и технолошки развој  ќе поддржи проекти на компаниите.

Со вториот повик за финансирање предлог проекти што Фондот го објави вчера, вкупниот буџет е распределен на три инструменти. Заинтересираните компании може да аплицираат до 21 следниот месец.

Вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски денеска информира дека кофинансирани грантови за новоосновани трговски друштва, старт-ап и спин-оф компании ќе се доделуваат до 30.000 евра по проект, а вкупниот буџет за тој инструмент изнесува 300.000 евра. До 100.000 евра по проект ќе се доделуваат кофинансирани грантови и условни заеми за комерцијализација на иновации, за кој инструмент на располагање се 600.000 евра. Кофинансирани грантови за трансфер на технологии Фондот за иновации ќе додели до 200.000 евра по проект.  Вкупниот буџет по тој основ изнесува 400.000 евра.

Разликата од првиот повик кој беше отворен за старт ап претпријатијата кои постојат најмногу до 6 години, според Пешевски, е тоа што на овој повик има можност да аплицираат и позрели претпријатија бидејќи преку инструментот за комерцијализација на иновации се финансираат поголеми проекти во понапредна фаза.

- Токму кај комерцијализација на иновации се охрабрува соработката помеѓу микро, мали и средни претпријатија, но и помеѓу наука и индустрија. Акцент на соработката има и кај инструментот за трансфер на технологии, каде се охрабрува секториски пристап и здружен настап на микро, мали и средни претпријатија со цел поголем импакт врз секторот и економијата во целост. Со овој инструмент поддршката е насочена кон имплементација на технолошки подобрувања, но и стандардизација и сертификација на претпријатијата со цел поголема конкурентснот на претпријатијата надвор од Макеоднија, рече на прес-конференција Пешевски.

Јасмина Поповска, директорка на Фондот за иновации и технолошки развој, истакна дека условите кај старт ап инструментот  и инструментот за комерцијализација на иновации се слични. Кај  предлог проектите за двата инструменти ќе се оценува иновативноста, тимот кој ќе го имплементира проектот, квалитетот на  предлог апликацијата и секако влијанието што  ќе го имаат врз околината и бизнисот. За двата инструменти може да аплицираат микро,  мали и средни претпријатија кои имат иновативни предлог-проекти со таа разлика што кај старт ап  инструментот треба претпријатијата да не постојат подолго од шест години, додека кај комерцијализација на иновации може да  аплицираат и позрели компании, рече Поповска.

Пешевски истакна дека иновативните претпријатија најчесто бележат побрз раст од економијата како целина и позитивно влијаат на неа. Токму затоа, посочи, преку инструментите за финансирање на Фондот за иновации и технолошки развој директно се влијае на забрзување на развојот на иновативни проекти и на растот на македонските претпријатија.

- Во последните пет години Владата ги постави темелите за поддршка на иновациската дејност и ги креираше механизмите кои недостасуваа за ефикасно функционирање на националниот иновациски систем бидејќи верува дека креативноста на македонскиот народ треба да претставува најзначаен ресурс на нашата земја, рече Пешевски. 

Со првиот повик објавен од Фондот за иновации и тенхолошки развој без избрани 16 старт ап и спин оф претпријатија, кои веќе работат на развој на иновативни проекти. За нив беа обезбедени 460.000 евра од Фондот.  Најголем дел од апликациите и проектите што се финасираа досега беа од ИТ индустријата, но потенцира Поповска, Фондот финансира проекти од кој било сектор и индустриска гранка.