Македонија
1. јуни 2017 - 17:24

Обид за убиство на Никола Тодоров, пред чинот на примопредавање на министерската функција

Со пиштол вперен во глава, 60 годишниот Љупчо Стојановски од велешко село денеска напладне сакал да го убие министерот за здравство Никола Тодоров. Го чекал пред влезот на министерството каде половина час подоцна требаше да има примопредавање на функциите. Според информациите на Сител, по излегување од автомобилот го застанал Тодоров и му го вперил пиштолот во чело. Брзо реагирал досегашниот министер кој му ја оттурнал раката и првиот куршум завршил во фасадата на Институтите. Напаѓачот потоа бил совладан од член на  обезбедувањето на екс министерот и во воздух повторно бил испукан уште еден куршум. Тодоров не е повреден а 60 годишниот Стојановски го отстраниле Алфите кои дојдоа веднаш по пукањето. Вработени во Институтот го слушале како им вика на полицајците дека не сака да живее и да го убијат

Како што дознава Сител, напаѓачот дошол во министерството уште во осум часот изутрина и 4 часа го чекал Тодоров. Претходно бил и во неговиот дом во Козле но не го нашол дома. Сега пред куќата на Тодоров има полициско обезбедување. Во министерството сите се во шок и никој не сака јавно да зборува за обидот за убиство на досегашниот министер. Велат секој ден има луѓе пред влезот и никој не очекувал дека ќе дојде до такво нешто. Напаѓачот пред да го однесат во полициска станица, прво со возило на брза Помош го однеле на преглед во Ургентен. Инцидентот го осуди и премиерот Зоран Заев.

„Драго ми е што поранешниот министер е безбеден и сигурен, затоа што ние сме луѓе треба да си помагаме, не треба да испраќаме лоши пораки“, изјави Зоран  Заев.

Реагираа и политичките партии кои го осудија обидот за убиство врз Никола Тодоров.

- СДС и Заев долго време го подготвуваа теренот за ваквиот монструозен акт. Долго време го напаѓаа и навредуваа Тодоров нарекувајќи го „Министер смрт“. Таканаречената „Шарена револуција“ и СДС долго време ширеа хистерија и повикуваа на насилство. Одговорност мора да има, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

И од СДСМ пристигна реакција  за инцидентот.

СДСМ најостро го осудува инцидентот во којшто е пукано во поранешниот министер за здравство, Никола Тодоров.

Недозволиво е употреба на оружје и посегнување по нечиј живот, од која било причина, какви што се првичните информации за случајот, пишува во соопштението на СДСМ.