Балкан
16. November 2016 - 15:30

Обама во Атина: Демократијата е посилна од се

Демократијата е посилна од терористите, екстремистите и апсолутитстите кои не можат да толерираат различни идеи, рече американскиот претседател Барак Обама во својот денешен говор во културниот центар „Ставрос Ниархос“ во Атина.

Според него, земји со демократските влади имаат тенденција да бидат пофер и поуспешни и секоја грешка може да се исправи преку процес на демократија.

- Се додека ја задржиме нашата вера во демократијата, луѓето, дотогаш нашата иднина ќе биде во ред, затоа што тоа останува најефикасната форма на власт што досега ја осмислил човекот, изјави Обама, додавајќи дека демократијата е посилна од организации како Исламска држава.

Во врска со бегалската криза, американскиот претседател рече дека прифаќањето на бегалците од страна на Грција „го инспирирало светот“, но земјата не може сама да се справи со проблемите на миграцијата.

Обама нагласи дека само вистински колективен одговор од Европа и светот може да се справи со стотици илјади бегалци кои бегаат од насилството во Блискиот Исток.

- Отпорот од страна на многу други земји од Европската унија да прифатат бегалци, остави повеќе од 60.000 луѓе заглавени во Грција, од кои многумина живеат во преполни кампови низ целата земја... Не треба да се очекува од Грција сама да го сноси товарот од бегалците, истакна тој и ја поздрави земјата за нејзината великодушност кон бегалците.

Понатаму, тој изрази убеденост дека посветеноста на САД во НАТО ќе продолжи, убедувајќи ги сојузниците дека новоизбраниот републикански претседател Доналд Трамп ќе ги задржи основни американски стратешки интереси во целиот свет.

- Денес, НАТО, најголемиот сојуз во светот, е посилен и поподготвен како никогаш досега. И уверен сум дека исто како што американската посветеност на трансатлантската алијансата издржа седум децении, без разлика дали беше под демократска или републиканска администрација, дека таа посветеност ќе продолжи. Вклучувајќи ја и нашата заложба и нашата обврска според договорот, да го браниме секој сојузник, рече Обама за време на говорот во Атина.

Во врска со кризата во Грција, американскиот претседател рече дека ќе продолжи да бара од кредиторите на Грција да и помагаат на земјата и да ја стават на одржлив пат кон закрепнување.

- Ќе продолжите да ја имате суштинската поддршка од САД, а во исто време ќе продолжам да ги поттикнувам доверителите да преземат чекори за да ја стават Грција на патот кон одржлива економска обнова, рече тој.

- Додека Грција продолжува да ги спроведува реформите, ММФ рече дека отпишување на долгот ќе биде од клучно значење за Грција да се врати кон раст. Тие се во право, нагласи Обама.