Македонија
25. March 2017 - 14:38

НСП: Да се реши проблемот со исплата на работни часови на ПЕП

Министерството за внатрешни работи да сопре со носење на нејасни и несинхронизирани пишани акти и да донесе решение за нерегуларностите поврзани со исплата и водење на реализираните работни часови на припадниците на Посебната единица за поддршка (ПЕП), побара денеска Независниот синдикат на полицијата (НСП).

Претседателот на НСП Гоце Делчев Тодев, на денешната прес-конференција пред МВР објасни дека во декември минатата година поднеле барање за објаснување од Секторот за внатрешна контрола при МВР околу нерегуларности поврзани со исплата и водење на реализирани работни часови на припадниците на ПЕП за лица кои доаѓаат од полициските станици од цела Република Македонија и извршуваат задачи на територија на градот Скопје, а се сместени во касарната „Ѓорче Петров“.

- Одделот за внатрешна контрола во февруари годинава се произнесе согласно сите законски регулативи позитивно, но по споредување на потписите каде стои помошник-министер за внатрешна контрола е сомнително дека исто лице го потпишало актот во февруари и актот што вчера го добивме. Јавно го повикувам министерот итно да свика седница и се надмине оваа работа, бидејќи во спротивно може да се случи 18 милиони евра да се одлеат од Министерството, наместо да се купува опрема и ново вооружување, изјави Тодев.

Посочи дека станува збор за неработење на правната и кадровата служба и одделот за финансии и началници кои се во одделот за посебни единици, со што се овозможува полнење на џебовите на луѓето кои се извршители, нотари, судии и адвокати од касата на МВР со парите кои се наменети за полицајците.