Македонија
15. July 2017 - 9:46

Ново продолжение на 8. собраниска седница

За денеска е закажано ново продолжение на 8. седница на Собранието на Република Македонија. До доцна синоќа пратениците расправаа по Предлог завршната сметка за Буџетот за 2016 година. 

Во текот на расправата во бројни меѓусебни реплики, пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ оценија дека  економските политики на претходната Влада предводена од нивната партија која го подготвуваше Буџетот за 2016 година, биле ефикасни и придоенеле за раст на економијата, намалување на невработеноста, странски инвестиции и финансиска стабилност. Упатија критики за предложениот ребеланс на Буџетот со кој сметаат дека се кратат финансии за проекти значајни за граѓаните.

Пратениците од СДСМ, пак, забележаа дека претходната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ не водела сметка за приватниот сектор и за подобар и подостоинствен живот на граѓаните. 

Министерот за финансии Драган Тевдовски во образложението наведе дека економскиот раст на Македонија во 2016 изнесувал 2,4 проценти, забележувајќи оти тоа е најниска стапка на економски раст во регионот.

- Растот се состои од трошење на државата и тоа добро знаете во што. Многу често во непродуктивни проекти како „Скопје 2014“ и згрешени автопати. Најпроблематично е што на долг рок ова е неодржливо бидејќи во економијата не се создава доволно додадена вредност доколку движењето е врз основа на задолжување, наведе минстерот.

Спорно, смета тој, е и што некои позитивни проекти како изградба на патна инфраструктура поради грешки може да донесат до сериозни дополнителни обврски за државниот буџет во следните години, а од друга страна индустрискиот сектор којшто треба да биде двигател на економскиот раст во 2016 забележал пад од 1,5 процент.

Како што наведе, вкупните приходи на Буџетот се реализирани во износ од 169,3  милијарди денари, а расходите  во износ од 185,4 милијарди денари, поради што буџетскиот дефицит изнесува 16,1 милијарда денари, односно 2,7 проценти од БДП. 

- Треба да учиме од грешките од минатото и да не дозволиме тие да се повторат,  рече Тевдовски, кој вети дека на крајот на мандатот Македонија ќе има завршна сметка како Данска.