Свет
2. July 2016 - 14:19

Новиот мула на талибанците побара завршување на „странската окупација“ на Авганистан

Новиот лидер талибанците мула Хаибатула Акунџада денеска повика на завршување на „странската окупација“ на Авганистан, како првичен чекор кон воспоставување власт темелена на исламскиот закон која, според него, би требало да ја обедини оваа земја разорена со повеќедецениската војна.

Во едно од своите први јавни соопштенија, Акунџада рече дека спогодбата е можна доколку Владата во Кабул се откаже од своите странски сојузници, пренесоа британските медиуми.

-Вашата поддршка и застанување крај освојувачите се еднакви на делата на оние ужасни луѓе кои во текот на нашата историја ги поддржувале Британците и Советите, рече Акунџада во пресрет на прославата на празникот Еид, што следната недела ќе го означи крајот на Рамазан.

Новиот лидер на талибанците, кој го наследи својот претходник мула Актар Мохамед Мансур, убиен во мај во напад на американски дрон, рече дека талибанците имаат план за создавање независна и обединета земја во која ќе се применува исламскиот закон.

Тој на Владата во Кабул, која е поддржана од Западот, и порача дека „вратата за простување и толеранција е отворена“.

-Нашата јасна порака е дека не сакаме монопол на власта. Сите авганистански племиња и народи си требаат едни со други, рече Акунџаба.