Македонија
22. August 2017 - 14:46

Новиот ГУП за град Штип не предвидува тешка и загадувачка индустрија

Во новиот Генерален урбанистички план (ГУП) на градот Штип не е планирано изградба на стопански објекти од тешката и загадувачка индустрија истакна Емил Стојановски од консултантското друштво „Енвиро Ресурси“ ДОО Скопје, на  денешната  јавна презентација на Извештај за стратегиска оцена на животната средина за ГУП на град Штип.

- Согласно Генералниот урбанистичкли план за град Штип треба да се истакне дека тешка и загадувачка индустрија не се планира, односно се планираат домување, комерцијални и деловни објекти, јавни функции, паркови и зеленило, заштитно зеленило, комунална инфраструктура и мешана намена, вели Стојановски.

Извештај за стратегиска оцена на животната средина за ГУП на град Штип е еден од клучните документи за донесување на новиот ГУП на Штип, кој ќе има рок на важност вкупно 10 години.

Според урбанистите во општина Штип, развојот и изградбата на градот ќе се одвива кон исток, бидејќи постоечката Филтер станица и главната водоводна мрежа ја диктираат насоката на изградба на нови објекти. Новиот ГУП за Штип е со површина од 2.292 хектари, а донесувањето на  новиот генерален план го чекаат граѓаните на Штип со цел одредени Детални урбанистички планови да претрпат измени, со што ќе им се овозможи оформување на градежните парцели.