Македонија
22. November 2017 - 16:47

Новиот директор на Агенцијата за туризам патувал со бизнис класа на свое барање

Од Скопје до Буенос Аирес се стига за 17 до 20 часа со две до три преместувања. Според пребарувањето што го изврши Сител, сеедно дали летате со бизнис или економска класа, оваа дестинација се прелетува отприлика за исто време и со ист број преместувања. Различна е само цената. Бизнис класа чини од 220.000 до 300.000 денари, со економска класа ако се обидете да резревирате за утре, ќе платите најмногу до 90.000 денари.

Директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот Александар Донев, патувал на Светскиот самит за авантуристички патувања, со бизнис класа. Во изјава за интернет поратлите вели дека се одлучил за таа варијанта затоа што летот бил долг, траел  повеќе од 17 часа, а на самитот имал голем број состаноци, за кои се барала поголема ефикасност.

Од владината прес служба на прашањето од Сител, како го коментираат потегот на Донев, одговараат дека се очекува од именуваните функционери да ги штедат буџетските пари.

- Владата на РМ има механизми како да се контролираат трошоците на именуваните функционери, како и тоа дали се запазени соодветните процедури. Владата се заложи да ги крати непродуктивните трошоци и сите именувани функционери треба да ги следат насоките дадени од владата, а тоа значи рационално користење на буџетските средства исклучиво согласно програмите за работа, велат од прес службата.

Инаку Донев сам барал да лета со бизнис класа, потврдуваат од Службата за општи и заеднички работи при владата.. Директорот Пеце Мирчевски за Сител вели дека тие само посредуваат во постапката за набавка на авио билети. Работат со 7 економски оператори избрани на тендер, до нив го проследуваат барањето, ги собираат понудите и ги враќаат до тој што го организира патувањето. Организаторот, во случајов Агенцијата за туризам, си ја одбира понудата и ја плаќа.

Директорот на Агенцијата за туризам, пак вели дека прв пат летал со бизнис класа, а  најчесто користи услуги на ниско буџетни компании.

Ова го потврдува и директорот на СОЗР, Мирчевски вели функционерите најчесто бараат да летаат со економска класа, таков бил случајот и со премиерот Заев.