Македонија
26. October 2016 - 9:45

Новиот број на „Стожер“ посветен на Крсте Петков Мисирков

Новиот, 123-ти број на „Стожер“ - книжевно гласило на Друштвото на писателите на Македонија, е посветен на делото на македонскиот национален и културен деец и лингвист Крсте Петков Мисирков.

Како што соопшти ДПМ, на воведно место на списанието е објавена студија на Георги Сталев со која Друштвото на писателите на Македонија ја одбележува 90-годишнината од смртта на Мисирков (1874-1926). 

Георги Сталев укажува дека досега науката познава импресивна бројка од околу 60 трудови што излегле од перото на Крсте П. Мисирков, од кои дел се објавени во периодиката, дел во неговата позната книга „За македонцките работи“, а дел се зачувани во ракопис.

- Својот научен дискурс Крсте Мисирков го започнува со формулација и коментар за јазикот, укажувајќи на националната етика во врска со него, а одбраната на мајчиниот јазик ја поставува пред секого, и како право, и како долг. Притоа, секогаш ги има предвид пропагандите на соседните држави, осудувајќи ги методите на нивните машинерии во однос на македонскиот народ и на неговиот јазик, пишува, меѓу другото, Георги Сталев.

„Стожер“ донесува и стихови од Гане Тодоровски посветени на основоположникот на современиот македонски литературен јазик, со наслов „Крсте Мисирков по 1903 година“.

Во посебен оддел на „Стожер“ е презентирана песната „Полуостров од светлина“ од Иван Џепароски, годинашен добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата.

Во новиот број на „Стожер“ се објавени и прилози од Петре Димовски, Ефтим Клетников, Цане Андреевски, Јован Зивлак, Весна Мундишевска-Велјановска, Иван Антоновски, Ресул Шабани, Јован Стрезовски, Ленче Милошевска, Радослав Петковски, Панде Манојлов, Драгица Најческа, Славица Дабевска-Ќировска, Васил Куновски, Волче Наумчески, Трајче Кацаров и Василе Димески.

Покрај во печатена форма, „Стожер“ е достапен и на веб-страницата на ДПМ - www.dpm-pisateli.mk