Свет
26. April 2017 - 21:55

Нови судири на улиците во Каракас

Полицијата во Венецуела употреби водени топови и солзавец против демонстранти кои и денеска се собраа на антивладин протест во центарот на Каракас изразувајќи противење на левичарскиот претседател Николас Мадуро.

Полицијата и армиски сили ги блокираа сите главни патишта кон главниот град, а сите метро станици беа затворени што предизвика хаос во градот.

Опозицијата ја обвинува владата дека ги користи безбедносните сили за репресија над мирните протести.

Во повеќенеделните протести досега загинаа 26 луѓе. Опозицијата смета дека Мадуро е виновен за недостигот од лекови, храна и други основни животни потреби  и бараат распишување општи избори со цел излез од кризата.

Протестите се одржуваат од почетокот на април речиси секојдневно.

Кризата ескалираше на 30 март кога Уставниот суд се обиде да ги преземе овластувањата на Националното собрание, единствена институција во која Мадуро немаат контрола.

Судот делумно ја повлече одлуката по меѓународни критики, но тензиите се зголемија од 7 април кога властите донесоа забрана за занимавање со политика на 15 години за опозицискиот лидер Енрике Каприлес.