Македонија
5. February 2016 - 18:17

Нови проекти за младите најави Груевски

Загарантирано вработување за 100-те најдобри студенти во Македонија.  Оваа нова мерка за подобар живот на младите ја најави  лидерот на ВМРО-ДПМНЕ  Никола Груевски. Почнувајќи од август 2017, секоја година најдобрите 100 од петте најдобро рангирани универзитети во земјата, веднаш ќе добијат работа во јавната администрација и акционерски друштва каде државата има доминантен капитал. Тоа ќе значи сигурна егзистенција и силен поттик на оние кои инвестирале во своето образование.

-Ќе се подготви методологија за рангирање согласно просечната оценка во текот на студирањето и ќе има околу 70% удел во конечно рангирање. Поседување на меѓународен сертификат за трите најчесто користени јазици на ЕУ издаден од официјален европски тестатор ќе има удел од 20% во рангирање. Трет критериум ќе биде брзината на завршување на додипломските студии. Во предвид ќе бидат земени најдобрите од петте најдобро рангирани универзитети во Македонија. Секоја година од прво рангираниот 30 најдобри, второ рангираниот 25, трето рангираниот 20, четврто рангираниот 15 и петто рангираниот 10 студенти. Во критериумите ќе биде и елементот на тоа колку испити има положено студентот кај професор што има повеќе од 2 објавени труда во меѓународни списанија со импакт фактор, изјави Никола Груевски лидер на ВМРО-ДПМНЕ

Вработувањето на најдобрите студентите е само една од шестте мега мерки за младите кои денеска ги промовираше Груевски. Голем стимул ќе добијат и средношколците чиј проект е наречен млади амбасадори. Едногодишна стипендија за сите кои ќе освојат награди на интернационални научни олимпијади.

-Оние кои ќе освојат златен медал ќе добиваат од државата по 12 илјади денари, за сребрен медал стипендијата ќе изнесува 10 илјади денари, а за бронзен медал 8 илјади денари. 

- Исто така како мотивација и стимулација на учесниците на олимпијадата на сите средношколци кои ќе успеат да освојат прво, второ и трето место ќе им биде доделен и вредносен ваучер во висина од 30 илјади денари кој ќе служи за набавка на потребната техничка опрема, а со цел усовршување во областа за која тие се талентирани, изјави Груевски.

Мерката за средношколците ќе ја спроведува Министерството за образование и наука. Нејзината примена ќе започне од месец октомври оваа година.