Свет
3. January 2016 - 20:14

Нови мерки за заштита од пушењето

Од 1 Јануари 2016 година новата регулатива на ЕУ налага 65 отсто од кутијата со цигари да мора да биде прекриена со фотографии кои укажуваат на штетноста на пушењето, што остава помалку место за логото на компанијата.

По изгубената судска битка  компаниите се принудени да го отстранат својот логотип од пакувањата.  Бидејќи се повеќе земји се вклучуваат во борба против пушењето, многу тутунски икони исчезнуваат од полиците. Битката ја предводи Австралија, која пред три години воведе експлицитни предупредувања, како слики на бели дробови на починато лице кое било долгогодишен конзумент на цигари. Државата тврди дека тој потег го намалил бројот на пушачите за 15 отсто.

Постојат докази дека здравствените предупредувања делуваат, во смисла на одвраќање на младите луѓе од пушење цигари и помош на постарите да престанат да пушат. Текстуалните предупредувања се добри, но сликовните се поефикасни.

Велика Британија, Ирска, Франција отидоа чекор подалеку од директивите на ЕУ.Исто како Австралија, тие најавија план за целосно укинување на логото од кутиите. Тоа е одлука против која тутунските гиганти најавуваат жестока борба.

Во минатото тутунските компании немале рестрикции на огласувањето, дури луѓето се охрабрувани да пушат.

Денес повеќето земји забранија телевизиски реклами за цигари и воведоа ригорозни медицински предупредувања.

А тука е и економскиот аспект на пример, Велика Британија заработува 14 милијарди долари годишно од даночење на тутунската индустрија, но од друга страна троши 20 милијарди долари на лечење на болести предизвикани од пушењето.