Македонија
8. September 2015 - 14:16

Нови автобуски стојалишта за градскиот сообраќај во Битола

Вкупно 68 нови автобуски стојалишта ќе бидат поставени во урбаните средини на општина Битола од кои 47 единечни, седум единечни со киоск, 11 двојни и три двојни со киоск, како и уште 50 репарирани во 43 села.

Поставувањето почна денеска со првите новодизајнираните автобуски стојалишта од двете страни на улицата „Филип Втори Македонски“ во градот.

За новите стојалишта се издвоени околу 9,5 милиони денари и тие ќе бидат поставени во период од шест месеци.

- Со одлука на Советот на општина Битола, во трите зони во кои има автобуски стојалишта, воведен е режим и сите превозници ќе мора да плаќаат надоместок. Но исто така со таа одлука овозможивме, превозниците што ќе се согласат да инвестираат во автобуските стојалишта, во период од пет години, додека трае договорот, тие ќе бидат ослободени од обврската да плаќаат финансиски надоместок на општината, изјави градоначалникот Владимир Талески, промовирајќи ги автобуските стојалишта.

Според востановената традиција, денеска по 24-ти пат, а по повод Денот на независноста, пред Споменикот на антифашистичката војна што се наоѓа на плоштадот „Гоце Делчев“, претставници на локалната самоуправа, политичките партии и граѓанскиот сектор положија букети свежо цвеќе.