Македонија
15. August 2017 - 16:21

Нова Шангајска листа на универзитети - белградскиот и љубљанскиот меѓу првите 500 - македонските ги нема

Македонските Универзитети повторно не се најдоа на Шангајската листа на најдобри универзитети во светот. Од регионот единствено универзитетот од Белград, за разлика од претходната година,  е искачен повисоко на ранг листата и е позициониран меѓу 201то и 300 место. Подолу на Шангајската листа е рангиран Универзитетот од Љубљана, кој е во групата од 401то до 500 место. На листата која секоја година ја објавува Универзитетот Џиао Тонг од Шангај нема универзитети од Македонија, Хрватска, Црна Гора и Босна и Херцеговина.

- Клучни критериуми за рангирање на универзитетите се бројот на објавени научни трудови во меѓународни списанија, цитираност, бројот на добитници на Нобелови награди и Филдсови медали. Оваа листа е неформална, но е престиж за секој универзитет и држава да се биде дел од неа.

УКИМ не се наоѓа на оваа престижна ранг листа на универзитети не поради не исполнувањето на критериумите туку поради слабата експонираност  смета ректорот проф. Др никола Јанкуловски. Веќе се почнати постапки за етаблирање и поголеми вложувања во науката. Ректорот на УКИМ смета дека и професорите имаат голема улога особено оние со импакт фактор и меѓународни уредувачки одбори но сето тоа е поврзано со вложување на поголеми финансиски средства. 

Најдобар Универзитет во светот е Харвард. Меѓу најдобрите 10 се се 8 американски и два  британски универзитети. Станфорд, Кембриџ, МИТ, Беркли, Принстон, Оксфорд, Колумбија, Калифорнија и универзитетот во Чикаго. Шангајската листа е една од највлијателните листи, која ги рангира 500-те најдобри универзитети во светот. Листата е неформална, но е  престиж за секој универзитет да се најде на неа, бидејќи опфаќа само два отсто од светските универзитети.

Мон од 2012 реализира проект за субвенционирање по 300 научни трудови годишно, со еднократен паричен износ од 30 000 денари. Меѓу субвенциите што до сега се доделени, доминираат трудови од областа на медицината и техничките науки. Авторите кои минатата година објавиле научен труд во меѓународно списание со фактор на влијание, може да аплицираат до крајот на декември оваа година.