Македонија
10. January 2017 - 16:31

Нова провокација од Тирана - за шефот на дипломатијата Бушати, Македонците се Славомакедонци

Нова провокација од официјална Тирана, откако албанскиот Премиер Еди Рама во два наврата ги координираше лидерите на албанските партии за нивната улога во составувањето на новата македонска влада. Шефот на албанската дипломатија Дитмир Бушати зборувајќи за улогата на Тирана во креирањето на новата влада во Скопје, Македонците ги нарече Славомакедонци.

-Рамноправноста, слободата и демократијата како три базични елементи на Рамковниот договор не се имплементираат на вистински начин, или на начинот што е предвиден со Охридскиот договор, што остава впечаток или горчлив вкус дека се работи за две конситутивни заедници Славомакедонците и Албанците, кои едни со други недоволно комуницираат. Верувам дека сека е вистинскиот момент за албанскиот политички фактор да се обедини и да напредува во реализирањето на овие прашања, изјави Бушати.

Бушати вели дека албанските партии кои идеолошки многу се раздвоија, за прв пат по постигнувањето на Рамковниот договор успеаа да се договорот за листа на барања што претставува олеснување. Тој бара подоцна да направат ревизија како тие барања се имплементираат во пракса. Според шефот на албанската дипломатија, албанските партии во Македонија се договориле да се поддржуваат меѓусебно во спроведувањето на точките од платформата, но не се договориле да се обединат во тоа што би било природно, единствена партија.

Парадоксално, Бушати во изјавата додава дека Тирана ќе продолжи да ги поддржува сите процеси кои водат кон демократска и стабилна Македонија и подвлекува дека Албанија воопшто не се меша во внатрешните работи на Македонија, ниту во креирањето на коалиционата влада.