Македонија
29. јуни 2017 - 13:54

Нова претоварна станица за комунален отпад во тетовско

Нова современа претоварна станица за комунален отпад во тетовско ќе биде отворена следната недела во близина на надвозникот за Требош.

Директорот на јавното комунално претпријатие „Тетово“, Џељал Цека денеска најави дека станицата ќе биде пуштена во функција откако за време на викендов ќе заврши поставувањето на електронскиот систем.

- Со оваа нова современа претоварна станица сметам дека ќе го решиме проблемот со собирањето и претоварањето на сметот од Тетово што дваесет години е голем проблем. Тој ќе функционира како затворен систем при што камионите ќе го истовараат сметот преку рампата во инка од каде тој ќе се компресира директно во контејнерите кои потоа со специјализирани камиони ќе се носат. Контејнерите се со капацитет од по 32 кубни метри и со четирите со колку што располагаме ќе се задоволат потребите за собирање и транспортирање на сметот од градот во депонијата Дрисла. Дневно во Тетово просечно се собираат околу стотина тони комунален смет, рече Цека.

Според него, откако ќе биде ставена во функција новата претоварна станица, се очекува до средината на јули целосно да се исчисти поранешната претоварна станица на влезот во градот кај „Жито полог“ и тој простор веќе да се користи како претоварна станица. По целосното расчистување на отпадот од оваа локација со помош на специјални камиони и средства од АРМ и ЈКП „Тетово“, просторот ќе биде хемиско-биолошки дезинфициран и ќе биде засадено зеленило.

Директорот на ЈКП „Тетово“ најави дека за два месеци ќе биде распишан и тендерот за изградба на другата претоварна станица кај Фалиште каде ќе има затворена хала со траки за рециклирање на поголемиот дел од отпадот. - Нејзиното профункционирање се очекува до крајот на годината така што во 2018 година Тетово веќе ќе ги нема проблемите со сметот, изјави Цека.