Македонија
19. September 2016 - 19:28

Нова помош за Македонија и за земјите од Западен Балкан: Одлука да запре политиката на добредојде на бегалците

Познатата сентенца на Ангела Меркел ,,Ние го можеме тоа’’ со која им посака добредојде на милионите мигранти, по виенскиот самит посветен на бегалците што ќе се одржи во сабота ќе се трансформира во ,,Ние повеќе не можеме да издржиме’’

Австриски Куриер пишува дека на Самитот во Виена на кој покрај, Австрија и Германија ќе присуствуваат и Македонија и земјите од Западен Балкан, ќе се донесе политичка одлука за крај на културата на добредојде за мигрантите.

Според австрискиот канцелар Кристијан Керн, на состанокот ќе присуствуваат и Претседателите на Европскиот Совет и на Комисијата, Доналд Туск и Жан Клод Јункер, што зборува за политичката сензитивност на проблемот со мигрантите. И покрај затворањето на границата од страна на Македонија кон Грција за сите видови мигранти, сепак во првата половина на годината во ЕУ пристигнале нови 120 илјади. Бројката е значително помала од ланските 650 илјади, но според Керн таа е сеуште многу висока.

Српската влада објави дека на границата со Македонија досега спречила 7500 обиди за илегален премин и покрај затворената граница на Македонија со Грција.

,,Има премногу индивидуални мерки, но недоволно заеднички за илегалната миграција’’, изјави Керн за Куриер и најави нова помош за Македонија и за Западниот Балкан, како и координирана стратегија. 

Тој смета дека е неопходна поблиска соработка со балканските земји кои делуваат како штит од мигрантите, бидејќи никој не знае дали договор со Турција ќе функционира.

,,Тие не може да не уценуваат и затоа треба да се подготвиме за сите можности’’, изјави Керн.

На состанокот на тапет ќе биде ставен и грчкиот премиер Алкексис Ципрас. Покрај за помошта за Грција ќе се расправа и зошто оваа земја не ги враќа забрзано бегалците назад во Турција, како што стои во договорот, и зошто Грците одолговлекуваат со процедурите за азил.

Виенскиот самит ќе се одржи веднаш по неуспешниот Самит во Братислава на кој Вишеградската група одби да прима мигранти и Генералното собрание на Обединетите Нации со миграцијата како главна тема.