Македонија
20. February 2016 - 16:23

Нова, најсовремна опрема за Торакалната хирургија

Цисти, гнојни воспаленија, карцином во почетна фаза и други заболувања на белите дробови поефикасно ќе се третираат на новиот најсовремен апарат на Клиниката за торакална хирургија. Операциите ќе бидат со мали резови, а пациентите побргу ќе заздравуваат. Оваа апаратура која е прва ваква во јавното здравство ќе ја замени постоечката ваква стара 20 години.

- Се работи за последен збор на медицинската техника, за минимум инвазивна хирургија на градниот кош. Апаратот е со извонредна оптика, а бенефитот е што со помали интервенции ќе се прават сите процедури што досега се правеа со отворање на градниот кош. Тоа ќе го намали бројот на денови на лежење во болница, потрошувачката на антибиотици и на други материјали,изјави проф.д-р Зоран Спировски, директор на Клиниката за торакална хирургија.

Новиот апарат е во вредност од 110.000 евра.

- Со набавката на неколку апарати во континуитет, Торакалната клиника достигна сериозно повисоко ниво на квалитет. Имаме одличен, добро едуциран и мотивиран кадар, а буџетот е во пораст и овозможува нормално функционирање на оваа здравствена установа, изјави Никола Тодоров, министер за здравтво.

На почетокот на апаратот ќе работат двајца обучени хирурзи, а предвидени се по три интервенции неделно. Во иднина  сите лекари од Торакална хирургија ќе имаат можност да работат со новиот апарат, откако ќе поминат обука.